Платформа за родова еднаквост: Бараме системска поддршка за сите жени и девојки кои преживеале насилство

Фото: Платформа за родова еднаквост

„Дечкото ја претепал и пукал во неа“, „19 годишна кичевчанка пријавила скопски таксист дека ја допирал по телото додека ја превезувал“, „14 годишно девојче на Инстаграм запознала момче, ја снимил, па ја принудувал на секс со пијани и дрогирани мажи“… Oва се само дел од насловите во медиумите, поврзани со различни форми на родово базирано насилство, а за жртвите никој не се грижи, реагираат од Платформата за родова еднаквост. Оттаму бараат итна институционална мобилизација и итно носење на измените на Кривичниот законик за усогласување со Истанбулската конвенција.

„Бараме системска поддршка за секоја жена или девојка која преживеала било каков вид на насилство, бараме функционални сервиси подеднакво застапени во сите региони, бараме да запре трендот на намалување на домашното финансирање и соодветна поддршка за сите организации кои ги даваат овие услуги на граѓаните“, наведено е во реакцијата.

Оттаму велат дека наместо да се креираат заедници и средини во кои секоја жена ќе биде безбедна и слободна, нема соодветна системска грижа и интерес за животите и благосостојбата на девојките и жените, а мизогинијата и насилството извираат од секоја пора на општеството.

„Згрозени сме од апатичниот и декларативниот начин на кој се третира родово базираното насилство во институциите, кои не само што не се способни да работат на превенција на родово базираното насилство, туку и целосно потфрлаат во полето на заштита, што води до најекстремниот облик на насилство против жените – фемицидот“, се наведува во реакцијата.

Граѓанските активистки реагираат и за наративот „сама си го барала“, кој е вкоренет во омразата кон жените како вредност и дека тој станува сè позастапен одговор на насилство.

„Сексизмот се пренесува како општествена норма на новите генерации. Потребна е системска поддршка, сеопфатно сексуално образование и соодветен морален и етички компас. Поминаа точно две години од локалните протести против родово-базирано насилство. Таа мобилизација доведе до минимално институционално придвижување, но сеопфатно, посветено, повеќесекторско и, пред сè, искрено заложување во оваа борба, недостасува“, децидни се од Платформата за родова еднаквост.

Оттаму заклучуваат дека држава што не постапува, е држава што силува, а молкот на граѓаните е соучество.