Извор на фотографија: Претседател на РСМ

По одржувањето на 12-тата седница на Советот за безбедност на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, Претседателот на РСМ Стево Пендаровски во изјавата после седницата рече дека државата не смее да дозволи ниту еден наш граѓанин да не биде примен на болничко лекување, ниту пак да се повторат сликите од изминатиот викенд кога граѓаните масовно се упатуваа на вакцинирање во соседна Србија.

„Членовите на Советот побараа користење на сите расположиви ресурси за да може секој граѓанин да ја добие неопходната здравствена заштита. Државата не смее да дозволи ниту еден наш граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добивме уверување дека такво нешто досега не се случило ниту пак ќе се случува“, изјави претседателот Пендаровски.

Тој дополни дека политичарите мора први да дадат пример со почитување на мерките и законите за заштита од ширењето на ковид-19, бидејќи само така ќе имаат образ да го бараат истото и од граѓаните.

Пендаровски побарал од надлежните власти процесот на имунизирање да го спроведат во најдобар ред и таа обемна операција да продолжи до целосна имунизација на населението, без да има било какви прекини во тој процес.

„Верувам дека го пренесувам чувството на огромното мнозинство на македонски граѓани кои се незадоволни од она коешто на тој план го направивме досега. Сликите кои ги гледавме изминатиот викенд во соседна Србија тоа најдобро го илустрираат. Такви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија, се разбира, но тоа беше срам за државата наша“, порача Пендаровски.

Претседателот упати и личен апел, повикувајќи ги приватните здравствени установи да ја разгледаат можноста да се откажат од профитот за да ги направат нивните услуги подостапни за инфицираните од ковид-19, и ако за тоа има потреба, да го упатат својот медицински персонал на работа во јавните здравствени установи.

Претседателот на РСМ го поздрави договорот и вчерашниот компромис којшто го направија претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за одложување на пописот.

„Како што предложив пред неколку месеци, доколку ситуацијата со пандемијата не се подобри, одлагањето на пописот нема да предизвика никаква штета за никого. Напротив, со вакцинацијата ќе бидат создадени услови за негово успешно спроведување“, изјави Пендаровски.

Тој очекува дека на средбата најавена утре со партиите кои бараат измени на Законот за државјанство, се надева дека ќе се оформи компромис, за да се реши и тој проблем.

„Ако процесот на имунизација не тече онака како што е најавен, или ако договорот меѓу власта и опозицијата не се почитува, очекувајте веќе наредните денови јавно да посочам кон оние што ќе се однесуваат неодговорно“, изјави Пендаровски.

Тој информираше дека на седницата на Советот постигнале договор, за да нема никаков сомнеж дека некој може да ја злоупотреби позицијата, од утре во наредните денови сиот државен врв да се пријави на сајтот на Министерството за здравство како секој друг граѓанин, за кога ќе дојде редот, тогаш да се вакцинира против ковид-19.