„Пејпер мил“ ќе мора да работи или на плин или да стави клуч додека не инсталира филтри

Фото: ДЗЖС

Загадувачот „Пејпер Мил“ од Кочани, доколку на следното мерење на емисиите во воздухот кое е закажано за два дена, на 30 декември, се докаже дека и понатаму ги надминува граничните вредности, ќе мора да престане да го користи котелот на пелети и да премине на плин или пак, ќе мора да стави клуч на врата и да не работи сè додека не го обезбеди филтерот на оџаците, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.

Реакцијата следува откако изминатите денови низ социјалните мрежи и медиумите кружеа фотографии од фабриката на кои се гледа црн чад како излегува од нејзините оџаци. Жителите на Кочани во саботата организираа протест пред фабриката и го искажаа соето незадоволство од, како што велат, двегодишната агонија во која живеат заради загадувањата од фабриката. Кочанчани на протестот најавија дека, доколку не се превземат итни мерки и не престане загадувањето на воздухот, следниот протест ќе значи и блокирање на влезот во капацитетот.

Работата на „Пејпер мил“ во изминатиот период двапати беше предмет на вонреден надзор на инспекторите за животна средина. На средината на ноември и на почетокот на декември беа направени две мерења на емисиите и два пати беше констатирано надминување на дозволените вредности. Промените во процесот и опремата што во меѓувреме ги правеше инвеститорот, не дадоа резултат, заради што Инспекторатот предложи казна од 20.000 евра

„Со Решение е наредено да се врши редовно мерење на емисиите, а Пејпер Мил се обврза да инвестира во вреќаст филтер поради повеќекратно намалување на емисиите. Доколку на следното мерење се докаже дека и понатаму ги надминува граничните вредности, ќе мора да престане да го користи котелот на пелети и да премине на плин. Во спротивно ќе се забрани работењето се до обезбедување на филтерот и водење на процесот на работа на начин на кој нема да го загадува Кочани. Нема компромис во битката за чиста животна средина“, информираат од Државниот инспекторат.