Пакистан го забрани ТикТок поради „неморални содржини“

Photo by Abuzar Xheikh and Kon Karampelas on Unsplash

Пакистан е последната земја што го забрани користењето на ТикТок. Телекомуникацискиот регулатор на земјата ја донел ваквата одлука поради „неморалните содржини“ објавени на социјалната мрежа. Одлуката за забрана за користење на ТикТок е донесена поради „бројните жалби поднесени од разни сегменти на општеството“, пишува „Њујорк тајмс“.

„Блумберг“ јавува дека апликацијата ТикТок досега била инсталирана речиси 43 милиони пати во Пакистан, со што оваа азиска земја прераснала во 12-ти најголем пазар за ТикТок во светот.

Инаку, кинеската компанија „БајтДенс“, која е сопственик на ТикТок, во изминатиов период се соочи со сериозни удари што можат да предизвикаат ограничен развој на социјалната мрежа во иднина. Индија, која според податоците на „Блумберг“ беше земја со најголем број на симнувања на оваа апликација во светот, ја забрани ТикТок.

ТикТок имаше голем проблем и со функционирањето во САД, каде што социјалната мрежа беше пред забрана за нејзино користење од администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Во последен момент, кинеската компанија „БајтДенс“ склучи договор со американските компании „Оракл“ и „Волмарт“ за формирање на нова компанија ТикТок Глобал, со седиште во САД. На тој начин, се задоволија барањата на Белата куќа за заштита на личните податоци на американските корисници на апликацијата.