Отворена интерактивна изложба за млади во КИЦ

Фото: „Гете“ Институт

„Вселена.Човек.Интелигенција.“ е насловена интерактивната изложба за млади, која Гете Институтот во соработка со друштвото „Макс Планк“ ја прикажува ширум светот, а од 3 до 28 април ќе може да се посети во изложбениот простор на Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје.

Изложбата ги претставува сегашните и идните истражувачки проекти од Германија и поставува значајни прашања кои се однесуваат на нас како жители на Земјата и на кои ние се обидуваме да одговориме: Од каде доаѓаме? Каде одиме? Што не прави да бидеме луѓе? Изложбата обработува пет големи тематски области: Вселена, Историја на човештвото, Мозок, Антропоцен и Вештачка интелигенција“, наведено е во соопштението од Гете Институт.

За секоја од наведените теми постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите како што се на пример, компјутерско преобразување (морфинг) на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации, со кои може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и слично.

Целта на изложбата е на сите заинтереси ани за Германија и германскиот јазик да им покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура. Изложбата официјално ја отворија проф. д-р Магдалена Костоска, продеканката на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, заедно со заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф и основачот на апликацијата „Мој воздух“, Горјан Јовановски.

Изложбата е отворена за посетители до 28 април, секој ден од понеделник до петок во периодот од 10 до 20 часот, како и во сабота од 10 до 14 часот. Содржината на
изложбата е на германски јазик, а достапен е превод на англиски јазик. Влезот е бесплатен.

„На посетителите ќе им биде понудено водење низ изложбата како и забавни задачи за изложбата во времетраење од 60 до 90 минути. За време на изложбата ќе се нудат и презентации на можности за студирање во Германија од страна на Асоцијацијата на кариерни советници, кариерно советување од германската служба за академска размена и други настани наменети за млади“, наведено е во соопштението.