Срушени се непрописно изградените туристички бунгалови во Шипковица, откако Општинскиот инспекторат на Општина Тетово постапил според одлуката на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, јави „Порталб“.

Државната комисија ја одби жалбата на инвеститорот, Хрватот Томислав Тишка, кој ги изградил бунгаловите во Шипковица и на Јелак.

Дозволата за градење била издадена од Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, но потоа била поништена, откако некои жители реагирале и поднеле жалби во Општина Тетово за уривање на бунгаловите.

Тишка бил недостапен вчера за разговор со новинарот на „Порталб“.

Пред две седмици хрватскиот инвеститор појасни дека не извадил дозвола од општината бидејќи веќе имал дозвола од ЈП Пасишта.

– Имаме важечка одлука од Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, а земјиштето припаѓа на Република Македонија и со него управува претпријатието. Ние немаме проблем со жителите на Шипковица, туку само со некои поединци – изјави тој за „Порталб“.