Општина Свети Николе не сака регионална депонија во Мечкуевци, под ризик да пропаднат 40 милиони евра

Постојните општински депонии ги критикуваме, современи не сакаме: Депонија „Русино; Фото: Мета.мк

Европската Унија (ЕУ) на земјава ѝ даде неповратни финансиски средства од 40 милиони евра за изградба на регионална депонија по европски стандарди за Источниот и Североисточниот плански регион, но новото локално раководство на Општина Свети Николе пред самото распишување на меѓународниот тендер за нејзина изведба вели дека не се согласуваат да се гради проектот на локацијата близу селото Мечкуевци.

„За депонијата почната е постапката некаде во 2015-2016 година како идеја и договор со тогашниот градоначалник Зоран Тасев, којшто наиде на големи реакции од страна на граѓаните на општина Свети Николе. Наиде на реакции особено на жителите од селото Мечкуевци и на земјоделците коишто гравитираат тој реон бидејќи тоа е еколошко чисто земјиште“, изјави денеска градоначалникот Дејан Владев.

Тој рече дека апсолутно мнозинство во Советот на Општина Свети Николе има ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција. Тие нема да усвојат предлог за избор на член на надзорен и управен одбор на Јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“. Поради ова, не може да се избере ниту директор на ова регионално претпријатие, а пак целосното поставување на неговите раководни органи е услов од ЕУ за да отпочне постапката за распишување на меѓународниот тендер за изградба на регионалната депонија.

Светиниколскиот градоначалник Дејан Владев денеска рече дека во регионалното претпријатие тие би учествувале само со еден член во управен и надзорен одбор, додека Штип, Куманово и Кочани би имале по четири члена, иако депонијата треба да се гради на територија на Општина Свети Николе. Тој потврди дека сите 18 општини од Источен и Североисточен плански регион ги избрале членовите на управните и надзорните одбори и дека во моментов се чека само на Свети Николе да го направи тоа.

Владев рече дека во предизборната кампања тој се залагал регионалната депонија да не отпочне со работа на предвидената локација во Мечкуевци, а како алтернатива тој е спремен да понуди друга локација кај месноста Богословец. Градоначалникот денеска изјави дека се сретнал со претставници со Министерството за животна средина и просторно планирање, кои предупредиле дека централната власт ќе ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Свети Николе во врска со регионалната депонија.

Во таков случај, градоначалникот најави дека е подготвен да организираат референдум на општинско ниво во Свети Николе, на којшто самото население би одлучило дали да се гради или не регионалната депонија на планираната локација во Мечкуевци. Градоначалникот Владев ја повика централната власт да дојде во Свети Николе и да ги запознае со планираниот проект преку средби и анкети граѓаните, невладините организации и општинскиот совет.

Инаку, претходното општинско раководство на Свети Николе, предводено од СДСМ, во февруари 2021 година се согласи на формирање на Јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“. Сепак, со месеци се чекаше на оформување на раководните органи на претпријатието, по што дојде време за организирање на локалните избори во октомври и за промена на власта во Општина Свети Николе.

Мета.мк веќе подолг период пишува за одолговлекувањето на постапката за изградба на регионалната депонија во Општина Свети Николе. Покрај тоа што се обезбедени финансиските средства за реализација на капиталниот проект, секоја од локалните власти од Источна и Североисточна Македонија со средствата од ЕУ добија камиони за собирање на комунален отпад и контејнери за селекција на отпадот. Исто така, се изработи целокупната проектна документација за локацијата кај Мечкуевци, која самата чини неколку милиони евра.

Инаку, министерот за животна средина Насер Нуредини на денешната прес-конференција говореше за реализацијата на регионалните депонии. Иако директно не ја посочи Општина Свети Николе, тој до сите општини испрати порака дека мора да се здружат силите и локално процесите да се завршат, бидејќи секое одлагање значи враќање на состојбата на почеток, губење на средствата и зголемување на проблемот со неконтролирано расфрлање на сметот.

„Нè ни треба секоја година да добиваме барања од општините да правиме нови планови за депонии и да бараме нови локации за депонии. Времето го трошиме само на изработка на документации, имаме не знам колку проекти и анализи, но ниту една инвестиција и изградена инфраструктура за третман на отпадот во земјава“, изјави денеска министерот Нуредини.

Регионалната депонија што треба да се гради во Општина Свети Николе треба да опслужува околу 370.000 жители од Источен и Североисточен плански регион и би имала капацитет да прими 900.000 тони отпад. Во Мечкуевци треба да се изградат погони (постројки) за третман на отпадот, и тоа: механички пред-третман со сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење. Посебна постројка треба да има за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад, во која би се вршело рециклирање на материјалот. На локацијата би се наоѓала и мала постројка за компостирање на градинарски отпад.