Општина Свети Николе без одговори околу изградбата на идната регионална депонија

Фото: Архива на „Мета“

Општинското раководство во Свети Николе се промени, а Мета.мк од новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ не може веќе неколку недели да добие одговори на прашањата во врска со изградбата на првата регионална депонија по ЕУ стандарди во земјава.

Мета.мк испрати прашања до Општина Свети Николе за тоа до каде е постапката за изборот на нов директор на Јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“ и кога ќе профункционира ова претпријатие. Имено, изминатиов период токму Општина Куманово (општината која создава најмногу отпад во Источен и Североисточен регион) и Општина Свети Николе (општината каде што ќе се наоѓа регионалната депонија) не можеа да се договорат кој ќе биде директор на ова регионално претпријатие.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање веќе напоменаа дека сите 18 општини треба да одржат општински совети и да номинираат лица, како би можело да се дооформи ова меѓу-регионално претпријатие. Сепак, без целосното оформување на претпријатието, тендерот за изградба на регионалната депонија нема да може да се распише, бидејќи услов од Европската Унија е да биде воспоставено претпријатието.

„Услов од Брисел е да се воспостави претпријатието бидејќи всушност тоа е крајниот корисник“, информираше за „Мета.мк“ кон крајот на минатата година Живка Михајлова, Раководител на Стручната служба на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Источен плански регион и Раководител на Одделение за инспекциски работи во Општина Пробиштип.

Инаку, Советот на општина Свети Николе во февруари годинава се согласи за формирање на Јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“. Советниците на тогашната опозициска, а сега владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, јавно се спротивставија на изградбата на регионалната депонија во нивната општина.

Мета.мк во два наврати на 10 и 16 ноември постави прашања до Општина Свети Николе, а и телефонски од општината ни беа ветени одговори, но сепак не го дознавме ставот на новото општинско раководство во однос на изградбата на регионалната депонија во овчеполското село Мечкуевци.

Инаку, финансиските средства во висина од околу 40 милиони евра за изведба на регионалната депонија во Свети Николе веќе се обезбедени од страна на ЕУ. Планирано е тендерот за нејзината изградба да се распише на почетокот на 2022 година, и тоа со неколкумесечно одложување, поради фактот што општините од Североисточен и Источен регион не можат да го дооформат меѓу-регионалното претпријатие.

Покрај новата депонија по ЕУ стандарди која што би опслужувала околу 370.000 жители од двата региона и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад, на локацијата во Мечкуевци би се изградиле одделни погони за третман на отпадот, што подразбира механички пред-третман со сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење. Посебна постројка ќе има за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад, во која би се вршело рециклирање на материјалот. На оваа локација би се наоѓала и мала постројка за компостирање на градинарски отпад.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк веќе изјавија оти се надеваат дека нема да дојде до откажување на проектот за изградба на регионалната депонија, бидејќи се работи за проект од национален интерес.

Инаку, ЕУ и годинава во Извештајот за реформскиот напредок на земјава критикуваше дека Северна Македонија треба да направи значајни чекори во наредната година за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад.

Критичкиот тон во Извештајот за реформскиот напредок на земјава во однос на управувањето со отпадот не претставуваат никакво изненадување. Северна Македонија цели 17 години се обидува да воспостави регионални системи за управување со отпад, кои ја вклучуваат и изградбата на нови регионални депонии по европски стандарди, но досега ниту еден проект не успеа. За разлика од нас, соседна Србија на пример, во идентичниов изминат период веќе изгради неколку регионални депонии.