Од Титови пионери до топлес-девојки: Како југословенските ТВ-серии за деца го прикажуваа летото?

Сцени од сериите „Втората смена“ (1988), репризирана на МРТВ и „Смоговци“ (1989), репризирана на ХТВ.

Темата на летото како период во кој децата откриваат нови работи, растат низ авантури и се развиваат во адолесценти беше често обработувана во југословенската кинематографија и ТВ-продуција.

Покрај детски филмови како „Милиони на островот“ (Milioni na otoku, 1954) или условно кажано тинејџерскиот „Лажливо лето ’68“ (Варљиво лето ’68, 1984), летните авантури беа тема на низа ТВ-серии, кои потоа неуморно беа прикажувани баш во текот на летниот распуст преку репризи.

Дел од таа продукција е достапна во форма на онлајн видеа и денес, а и повремено се прикажуваат и на јавните сервиси што ги произвеле.

Таква серија е „Едно лето“ на РТВ Скопје (денешниот Јавен сервис МРТВ), направена 1982 година според роман на Бошко Смаќоски. Во една од шесте епизоди дедото кој го глуми Петре Прличко оди да го посети внучето кое летува во детско одморалиште на Пелистер.

Како „најкласична“ македонска серија на која е опишано летување „со деца“ многумина ја сметаат „Втората смена“ од 1988 година. Таа е снимена според истоимениот роман на Велко Неделковски кој сè уште е дел од лектирите за шесто одделение.

Снимена во поранешното летувалиште „Сутјеска“ кај Свети Стефан до Охрид (денешно „Радости“), серијата низ шест епизоди обработува теми како другарството, првите љубови и разни авантури на група деца, како и низа референци на тогашната популарна култура, од стрипови со Загор до филмовите со Џон Траволта.

Во серијата е прикажано и како таквите летувања опфаќале и патриотско воспитување, со ритуалот на подигање на државното знаме и читање дневна заповед за пионерскиот одред.

Една од највлијателните детски хумористично драмски серии на ниво на федерацијата беше „Смоговци“ (Smogovci), произведена од ТВ Загреб (денешен Јавен сервис ХРТ), според роман на Хрвоје Хитрец. Успехот на серијата доведе до тоа меѓу 1982 и 1996 година, со повремени паузи, да се снимат дури 6 сезони, со вкупно 38 епизоди.

Летувањето како тема се јавува во епизодата „Лето меѓу духови“ (Ljeto među duhovima, 1987), кога дел од јунаците одат на летување во Далмација, додека другите одат во еден замок во Хрватско Загорје каде имаат и авантури на граница на натприродното. Во оваа епизода за прв пат се појавува ликот на Бонго, тогаш петгодишно дете со паранормални способности.

Две години подоцна, летувањето е клучна рамка во епизодата „Бонго бара нафта“ (Bongo traži naftu, 1989) кога ликот на „вујкото Флек“, прототип на матен балкански претприемач, го носи Бонго да му бара нафта во Јадранското Море, заедно со другарка му Лора.

Во една од сцените, додека Флек и децата се возат со чамец меѓу островите, наидуваат на друг чамец со група девојки во неволја, на кои им заглавил моторот. Девојките се сите топлес облечени само во долен дел од костими за капење. Вујкото со задоволство преминува на нивниот чамец да им помогне на девојките да ја поправат пентата, оставајќи ги децата да свртат едно кругче сами.

Прикажување голо женско тело во детска серија на времето не предизвика некакво внимание на јавноста. Пуританизмот кој го денес оптеретува јавниот дискурс во регионот, што се одразува и преку морална осуда на иницијативи за сексуално образование, е нешто што беше наметнато од конзервативните кругови во наредните децении, по распадот на Југославија.