Легендарниот стрип-јунак Загор Те-неј наполни 60 години

Изданија на Загор од поранешните југословенски републики. Фото: Meta.mk, CC BY.

Љубителите на стрипот во Италија, поголем дел од Балканот и Турција деновиве ја прославуваат 60-тата годишнина од објавувањето на стрипот „Загор“, еден од најпопуларните серијали на тие простори.

Првата епизода на Загор е објавена на 15 јуни 1961 година од издавачката куќа Бонели, а дело е на сценаристот Серџо Бонели (1932-2011), под псевдонимот Гвидо Нолита, заедно со цртачот Галијано Фери.

Легендарниот Фери (1929-2016) ги има нацртано и поголем дел од насловните страници на над петсто епизоди. Во меѓувреме на серијалот имаат работено десетици други цртачи и сценаристи, а тој се има проширено со испреплетување (анг. crossover) и со други серијали на Бонели, од Марти Мистерија до Драгонеро, на сличен начин на ширењето на „универзумот на Марвел“.

Главни ликови на стрипот се Американецот Загор чиј прекар е скратено од индијанското име За-гор Те-Неј или „Дух со секира“ и неговиот неразделен пријател Мексиканецот Чико, чие цело име и презиме е Фелипе Каетано Лопез Мартинез и Гонзалес.

Вистинското име на Загор, Патрик Вајлдинг, се споменува само во неколку епизоди и во вакви комеморативни написи.

Иако навидум се работи за вестерн, бидејќи почетна локација на нивните авантури кои се одвиваат во првата половина на XIX век е измислената шума Дарквуд во источниот дел на Северна Америка, некаде меѓу Пенсилванија и Мичиген, тајната на успехот на серијалот е во тоа што ги надминува жанровските граници. Многу од приказните имаат елементи на научна фантастика – нешто што многу подоцна беше наречено стимпанк, епска фантастика, страв и ужас – т.е. хорор, а чести се и детективски и комични елементи, инспирирани од познати книжевни или филмски дела од сите жанрови. Честа референца се и историски настани, но без преголема обврска за точност на деталите.

На пример, поголем дел од оружјето прикажано во стрипот било изумено неколку децении подоцна.

Како лик, Загор е своевиден суперхерој, облечен во карактеристичен костим, но без натприродни моќи, направен по углед на Фантом, Тарзан, Бетмен и низа други ликови со кои растеле Бонели и Фери. Негова животна мисија е борба за правда и одбрана на невините, а наспроти тоа што првенствено бил наменет за адолесценти, приказните често се занимаваат со сериозни теми за возрасни, како спротивставување на расизмот и ропството, или колонијалните геноциди.

Македонски изданија на Загор од Мега прес ЗЗ, Варм комикс и М-комикс. Фото: Meta.mk, CC BY.

Во Југославија првиот стрип со Загор е објавен 1968 година и набрзо станува еден од најпопуларарните такви изданија, во рамки на издавачката империја на новосадски „Дневник“ и нивните едиции „Златна серија“, „Лунов магнус стрип“ и „Стрип забавник“.

По распадот на Југославија, низа локални издавачи во земјите наследнички продолжија со објавување нови епизоди на авантурите на Загор, од кои најдолговечни се покажаа „Весели четвртак“ од Србија и „Луденс“ од Хрватска. Обиди за издавање имаше и во Босна и Херцеговина од „Агарти комикс“ со 3 епизоди, две краткотрајни едиции на албански јазик на Косово, како и три издавачки потфати во Северна Македонија.

Македонски едиции на Загор имаат објавено „Мега прес 33“ во 2005 година со 25 епизоди, а потоа „Варм комикс“ во 2009 година со десетина епизоди. Најнови се изданијата на „М-комикс“, кои имаат објавено дваесетина изданија меѓу 2014 и 2018 година.

Покрај Италија и Југославија, Загор бил објавуван и во Грција, Израел и Австрија. Во шеесеттите и седумдесеттите години на XX век бил исклучително популарен и во Турција, до тој степен што таму се снимени и два филма за него.

Изминатите години има обиди Загор да се пробие и на американскиот пазар.

Издавачката куќа Бонели во Италија, по повод годишнината, овој месец објавува низа специјални изданија на класични и нови епизоди.