Фото: ROBIN WORRALL on Unsplash

Од денеска се укинува роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан. Корисниците на македонски броеви ќе може да ги користат своите телефони за разговори под истите услови како во Северна Македонија, кога се во Србија, БиХ, Црна Гора, Косово и Албанија, доколку сакаат да повикаат број во Македонија или одговорат на повик од мобилен број од земјава.

Сепак, за сите детали, како и за испраќањето СМС и користењето интернет во роаминг, корисниците ќе треба да ги проверат условите на веб-сајтовите на мобилните оператори, посочија неодамна од Министерство за информатичко општество и администрација.

Укинувањето на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан е чекор поблиску до укинувањето на роамингот помеѓу балканските земји и Европска унија.

На оваа одлука денеска ѝ претходи одлуката од 4 април 2019 година, кога ресорните министри задолжени за дигитализација од земјите од Западен Балкан на Дигиталниот Самит во Белград, Србија го потпишаа регионалниот Договор за намалување на цените во роаминг.

Како резултат на овие активности на 1 јули 2019 година, поранешниот министер за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски најави  дека на 1 јули 2021 година во сила ќе стапи целосно „Роаминг како дома“, по примерот на земјите од Европската Унија. Овој договор беше предуслов за почеток на процесот за намалување на цените за роаминг и со ЕУ.