fbpx

Обвинителството да отвори истрага за поткастот „Патриотски муабети“, бара Платформата за родова еднаквост

Во поткастот се користи исклучително вулгарен јазик и се промовира користење на психо-активни сусптанции и насилство. Се пласираат и екстремистичките идеи како шовинизам, родово засновано насилство, национализам, етничка нетрпеливост, хомофобија и трансфобија, реагира Платформата

-

Јавното обвинителство да започне истрага за делото „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ за поткастот „Патриотски муабети“ и во најкус можен рок да покрене обвинителен акт, бара Платформата за родова еднаквост откако на Јутјуб во неделата беше објавено видео со наслов „Патриотски муабети: Подкаст на кој ЛГБТ заедницата одби да присуствува!“. Станува збор за видео објавено од канал насловен „Patriotsko Drustvo“.

Од Платформата за родова еднаквост велат дека во поткастот се злоупотребува слободата на говор за да се поддржи насилното однесување и да се омаловажуваат жените, вклучително и во сексуалните односи. Во поткастот, тврдат тие, се пласираат загрижувачки ставови за важноста на физичкиот изглед, самопочитта и согласноста, што во отсуство на сексуално образование и медиумска писменост во училиштата, има потенцијал да направи голема штета кај младите.

Во поткастот се користи исклучително вулгарен јазик и се промовира користење на психоактивни супстанции и насилство. Од друга страна, се пласираат екстремистичките идеи како шовинизам, родово засновано насилство, национализам, етничка нетрпеливост, хомофобија и трансфобија, коишто несомнено може да придонесат кон радикализирање на младите и нивно активно вклучување – онлајн и офлајн – во насилен криминал кон различни групи на граѓани.

„Преку вакви содржини се охрабрува меѓуврсничкото насилство и истовремено се оддалечуваат младите кои се жртви од системите за заштита и превенција. Така, во општество во кое мизогинијата, национализмот и хомо/трансфобијата се доминантни вредности, девојките и младите ЛГБТИ луѓе, поради срам и себеобвинување, нема да се осудат да го пријават насилството, а кај момчињата се стимулира агресивно однесување што ги прави ранливи на физичко насилство и го зголемува ризикот од извршување кривични дела и злоупотреба на психо-активни супстанции“, реагираат од Платформата за родова еднаквост.

Додаваат оти во изминатиот период е забележана сѐ поголема појава на содржини на социјалните мрежи од т.н. инфлуенсери кои стануваат идоли и лидери меѓу младите иако промовираат омраза кон жените, хомофобија, трансфобија и оправдувања за сексуалното вознемирување, силувањето и други форми на родово засновано насилство. Обраќајќи им се на младите како целна група, тие ги мобилизираат околу женомразачки и насилнички идеи и шират екстремистички идеи за надмоќ на една група наспроти другите. Во отсуство на соодветен институционален одговор на овие појави, Платформата за родова еднаквост апелира до родителите да преземат превентивни и едукативни активности за да се спречи радикализација кај младите.

Мрежата од десетици здруженија и организации потсетува на студијата „Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст“ која укажува дека клучните фактори за алармантните податоци за менталното здравје на младите се токму патријархалните вредности, па момчињата и девојчињата се вреднуваат според различни критериуми додека „сиромаштијата и традиционалната култура ги држат децата на најдолното скалило на хиерархијата на моќ и остварување на своите права“, оставајќи ги без поддршка и можност за учество.

„Ваквите содржини, како гореспоменатите поткасти, се огледало на нашето општество: оттука, сметаме дека не се случајни ниту дека одговорноста лежи кај младите! Невоведувањето на сеопфатното сексуално образование, несоодветното справување со родово заснованото насилство, вклучително и во училиштата, како и несанкционирањето на говорот на омраза и несоодветното санкционирање на родово заснованото насилство, особено на сексуалното вознемирување (како што е случајот „Јавна Соба“) се одговорност на институциите“, велат од Платформата.

Доминантните наративи на овие теми во последните години ги пласира т.н. антиродово движење кое ги промовира истите вредности што ги слушаме во овие поткасти, користејќи се со говор на омраза и дезинформации, велат од таму. Ова движење, тврдат, е организирано од најголемите религиски институции и има широка поддршка и од опозицијата и од власта.

„Во вакви услови не можеме да очекуваме да имаме здрави, одговорни, соодветно едуцирани и критички настроени деца кои веруваат во еднаквоста, ненасилството и демократијата. Напротив, радикализацијата на младината е извесна последица доколку институциите не започнат да ги исполнуваат своите обврски и не се одважат да застанат во одбрана на еднаквоста и ненасилството“.

Покрај покренување обвинителен акт, Платформата за родова еднаквост бара засилено спроведување на превентивни активности во основните и средните училишта кои ќе ги адресираат содржините како оние во споменатиот поткаст, но и конечно воведување сеопфатно сексуално образование во сите степени на формалното образование.

Бараат и донесување на Законот за родова еднаквост кој ќе го препознае концептот на родовата еднаквост како инклузивен за родово небинарните и трансродовите луѓе, како и унапредување на законите на начин што недвосмислено ќе се забрани и санкционира говорот на омраза врз сите основи во онлајн и офлајн просторот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...