Холандските универзитети против ограничување на бројот на странски студенти

Здружението на холандски универзитети реагираше на изјавите на Питер Омтзиг, еден од популарните политичари во земјата

Универзитетот во Амстердам, фото: Kismenők, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Холандски универзитети ја критикуваа изјавата на Питер Омзигт во која тој вели дека има премногу меѓународни студенти на холандските универзитети, известува Гардијан.

Омзигт вели дека меѓународните студенти учат на англиски јазик и потоа само се враќаат во државата од која потекнуваат. Според него, ако не се стори нешто за овој проблем, Холандија може да се соочи со недостиг на работна сила за неколку години.

Омзигт, чија новоформирана партија „Нов социјален договор“ води на анкетите на јавното мислење пред претстојните парламентарни избори во Холандија на 22 ноември, предлага бројот на примени мигранти годишно треба да се ограничи на 50.000, што би вклучувало студенти.

Претседателот на Здружението на холандските универзитети Јоуке де Врис вели дека ваквите изјави се „смешни“. Според него, холандските студенти многу учат од меѓународните студенти и би било апсурдно да се врати Холандија во времето кога сите студии биле на холандски јазик. Вели дека холандската економија е многу отворена и многу од вработените во универзитетите се од странство.

„Она што го гледам е она што го нарекувам затворање на холандскиот ум. Имавме период на глобализација, но денес има нови политички партии со различни ставови на таа тема, како Нов социјален договор“, вели Де Врис.

Моментално, околу 26 отсто од студентите во Холандија се меѓународни студенти. Големиот број на странски студенти предизвикува и повисоки кирии и цени на станови.

Министерот за образование во Холандија Роберт Дијкграф вели дека иако го разбира стравот од примање премногу студенти, вели дека одговорот не во остро решавање на проблемот.

Експертите апелираат да не се примени ваква политика, посочувајќи ги последиците во Данска откако тие пред две години го ограничиле бројот на странски студенти. Денес повторно се зборува во Данска да се тргне ограничувањето токму поради недостигот на работна сила.