Намалување на зависноста на земјата од увоз на електрична енергија, но и намалување на загадувањето на воздухот, особено во зимските месеци кога е актуелно затоплувањето на објектите со фосилни горива, се меѓу главните приоритети кои треба да ја водат земјата кон исполнувањето на целите поставени со Стратегијата за енергетика.
Насочувањето кон обновливите извори на енергија, особено искористувањето на енергијата од сонцето или ветерот, може да донесе повеќекратни бенефити за граѓаните – енергетски, економски, финансиски и еколошки. Од друга страна, употребата на јагленот како енергенс ја закотвува земјава на дното на државите загадувачи, чие население се бори за чист воздух и се справува со бројни здравствени предизвици, особено во регионите каде што се лоцирани енергетски капацитети на фосилни горива.
Граѓанските еколошки организации во земјава посочуваат дека производството на електрична енергија во термоелектраните резултира со огромни емисии на стакленички гасови и прашина. Повеќе од 50 отсто од потребите за електрична енергија во државата се задоволуваат од фосилни горива, процес во кој се испуштаат стакленички гасови коишто директно загадуваат, а влијаат и врз промените на климата.
Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ велат дека централите на јаглен Осломеј и Битола постојано ги надминуваат дозволените вредности за сулфурен диоксид и прашина. Во 2020 година овие термоелектрани на јаглен емитувале 86.700 тони SO₂, речиси 5,5 пати повеќе од дозволените 15.855 тони, заради што енергетското планирање на иднината мора да се заснова на чистите и обновливи извори.
„Единствената алтернатива, кон која и се имаме обврзано како земја со повеќе регионални заложби и која е вградена во националните стратегии, е да ја декарбонизираме економијата и да се свртиме кон обновливите извори на енергија. Продолжувањето на зависноста од јаглен кој го немаме и на агонијата на битолчани и кичевчани додека живеат во екстремно загадена животна средина која буквално ги чини нивните деца живот, истовремено давајќи им само лажна долгорочна економска сигурност, е само губење време додека се купува социјален мир по цена на здравјето на граѓаните“, вели Невена Смилевска од „Еко свест“.
Таа посочува дека тековната енергетската криза не потсети дека не сме направиле ништо за реален развој на енергетскиот сектор во изминатите 30 години, што не прави комплетно зависни од фосилни горива. Комбинацијата од овие два фактори предизвикува да одиме во потешка енергетска криза и потешко финансиско оптеретување на граѓаните.
Енергетската криза со која се соочивме заедно со пандемијата на Ковид-19 ни покажа дека предизвик претставува и снабдувањето со јаглен, бидејќи ресурсите се исцрпуваат. Неодамна, од „Еко свест“ реагираа на најавите дека се планира отворање на нов рудник за јаглен, Живојно, чекор што го оценија како назадувачки во време кога е усвоена Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и се работи на Националниот план за енергија и клима. Овие плански документи, сметаат екологистите, јасно укажуваат на потребата од забрзана енергетска трансформација и оддалечување од употребата на фосилни горива.
Рудниците за јаглен низ целиот свет, па и во земјава, ги опустошуваат заедниците во чија близина функционираат и го загадуваат воздухот со неговата употреба. Последиците за човековото здравје се немерливи, а резултираат со кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања, астмаили, отежнато дишење кај деца.
Центарот за климатски промени изминатите неколку години спроведуваше истражување на стапката на морбидитет во два региони во земјава, Пелагонискиот и Југоисточниот. Резултатите покажуваат дека во Битола стапката на морбидитет е 206 на 100.000 жители, додека во Гевгелија е 158,6 на 100.000 жители. Од друга страна, просечната стапка на морбидитет во земјата е 165,9 на 100.000 жители.