Нов предизвик Western Balkans Challenge, повик за 4 недели да изгледате 4 филмови од регионов

Во рамките на платформата #EuropeanFilmChallenge_МК, денеска започнува новиот филмски предизвик #WesternBalkansChallenge за филмофилите од Србија и Македонија, информираат од тимот на БЛИНК 42-21.

Предизвикот за сите љубители на филмската уметност е отворен од 14 јуни до 11 јули, во којшто период учесниците ќе треба за 4 недели да изгледаат 4 филмови продуцирани или ко-продуцирани од држава од Западен Балкан на репертоарот во кино салите, во рамки на локалните филмски фестивали, на телевизија или пак на некоја од легалните видео – стриминг платформи.

„За време на предизвикот ќе бидат промовирани многу филмови кои ќе носат екстра поени, дополнителна аудио-визуелна содржина, интервјуа и игри што ќе му помогнат на победникот да освои најмногу поени и да отпатува во Белград на 14. Интернационален фестивал на документарен филм БЕЛДОКС 2021, од 9. до 16. септември“, информираат од БЛИНК 42-21.

Официјално, #WesternBalkansChallenge започнува вечерва со специјалната проекција на филмот 18% Grey (2020) во Кино Фросина (МКЦ), во 20:30 часот, во рамки на одбележувањето на Денови на Креативна Европа МЕДИА.

Сите што сакаат да го проследат филмот 18% Grey вечерва, потребно е да направат резервација преку следниот линк. Филмот носи екстра 40 поени во #WesternBalkansChallenge.

Инаку, љубителите на филмот можат да се вклучат во предизвикот со регистрација на https://europeanfilmchallenge.eu/mk/ и да го следат на социјалните медумуми Facebook и Instagram.

Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge) е иновативна дигитална платформа што ја поврзува најголемата заедница на љубители на европскиот филм и ја промовира европската кинематографија.

Во Македонија проектот го имплементира Центарот за социјални иновации Блинк 42-21, заедно со европски партнери во 9 држави преку поддршка на програмата на МЕДИА-Креативна Европа и Европската филмска индустрија.