fbpx

Нема решение за хаосот на струшката улица „Туристичка“, ветување на Мерко уште од претходниот мандат

-

До денес направени се минимални чекори за реализација на предизборното ветување на првиот човек на општина Струга, Рамиз Мерко, за реконструкција на улицата „Туристичка“, пишува Порталб.мк. Ова ветување останува неостварено уште од минатиот мандат на Мерко.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Сѐ уште нема решение за урбаниот хаос во една од главните улици во центарот на градот Струга, позната како улица „Туристичка“. Недостатокот на соодветна патна инфраструктура и неказнувањето на несовесните возачи го оптоварува сообраќајот, но и го попречува слободното и безбедно движење на пешаците во срцето на градот.

Овие слики од градот, документирани од Порталб.мк, со години остануваат исти.

Улицата „Туристичка“ во Струга

Реконструкцијата на улицата „Туристичка“ (сегментот од кружниот тек од „жолтите згради“ до кружниот тек кај „полициската станица“) беше едно од ветувањата на актуелниот градоначалник на општина Струга, Рамиз Мерко, за време на предизборна кампања на локалните избори во 2021 година. И по повеќе од една година од почетокот на новиот мандат на чело на општина Струга, за исполнување на ова ветување сè уште не е преземен ниту еден чекор.

Зелена агенда 2021 -2025- Рамиз Мерко / Реконструкција на улицата „Туристичка“

На прашањето поставено од нашата редакција околу тоа кои конкретни чекори се преземени за реализација на ова ветување од страна на Општина Струга, од таму ни одговорија дека проектот ќе се реализира следната година.

„Да, тоа е ветен проект и наскоро ќе се реализира. Во тек е процесот на решавање на неколку имотно-правни проблеми, со приватни сопственици на тој дел. Во меѓувреме, решен е проблемот со отстранувањето на старата зграда на Министерството за внатрешни работи за ослободување на земјиштето. Овој проект е предвиден и во Програмата за 2023 година“, изјавија за Порталб.мк од општина Струга.

Ветувањето на Мерко за реконструкција на овој патен сегмент не е ново ветување за струшкиот електорат. Истото ветување го има и во изборната програма за мандатот 2017-2021 година „За општина каква што ја сакаме“ (стр. 15), односно во претходниот мандат. Ова ветување дури е наведено како една од приоритетните работи во категоријата „Урбанизам и инфраструктура“.

Неколку месеци пред завршувањето на мандатот 2017-2021 година, забележани се неколку активности за промена на грдата слика на градот во овој дел од главната сообраќајница.

На 15 април 2021 година, општина Струга најави уривање на една стара зграда во дел од главниот пат во центарот на градот. Станува збор за зградата на стариот затвор на градот, која иако е надвор од употреба и е доста дотраена, со години го попречува движењето на граѓаните. Уривањето на старата затворска зграда и чистењето на околината започна на 11 мај. На 4 јуни екипа на Општината заедно со градоначалникот Рамиз Мерко излегоа на терен за да вршат мерења според елаборатот и деталниот план.

Од уривањето на старата зграда, новосоздадениот простор се користи како место за паркинг (како што можете да видите во фотогалеријата погоре).

Стружани сметаат дека реконструкцијата на овој патен сегмент е од витално значење за градот, но од друга страна песимисти се дека во иднина овој проект ќе го видат реализиран.

„Поправката на оваа улица се ветува со години, велат дека имало проблеми со експропријација на земјиштето. Не знам дали некогаш ќе се среди, а и да го средат, мислам дека ќе биде неквалитено направено“, вели еден стар жител на Струга.

„Меѓу другото, оваа улица е и влез во градот Струга, кога доаѓате од Охрид, и сликата што ја создава за Струга штом ќе влезете во градот е навистина за жал“, вели еден граѓанин.

„Ако треба да одите оттука до продавниците подолу (до кружниот тек кај полициската станица), треба да одите по улица. Од едната страна нема тротоари, а тротоарот од другата страна секогаш е блокиран со автомобили. Иронијата е што на неколку метри погоре, речиси секој ден, има полицајци кои ги казнуваат граѓаните кои ја поминуваат улицата малку подалеку од пешачкиот премин, а не ги казнуваат неодговорните возачи за да се ослободат јавните површини“, рече жителка на Струга.

Реконструкцијата на „Туристичка“, проект кој до сега требаше да биде завршен, предвидува отворање на нови ленти на оваа улица, почнувајќи од кружниот тек кај „полициската станица“ до кружниот тек кај „жолтите згради“.

Проектот има за цел да го олесни движењето на возилата, да обезбеди стотици нови паркинг места, тротоари за пешаците, велосипедски патеки, атмосферска канализација, улично осветлување и целосно нов систем за поставување на подземни електрични кабли.

Поаѓајќи од фактот што Мерко уште во претходниот мандат ветуваше дека ќе има реконструкција, можеме да заклучиме дека во дадениот временски рок ова ветување не е исполнето.

Извори:
• Изборна Програма 2017-2021 „За општина каква што ја сакаме” (страна 15), проверено на 09.12.2022.
• Изборна Програма 2017-2021 „Зелена Агенда” (страна 43 и страна 44), проверено на 09.12.2022.
• Објава на Општина Струга на социјалните мрежи на 11 maј 2021, проверено на 09.12.2022.

ИзворПорталб

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...