Нема опасност од пожарот во ОХИС, тврди Министерството за животна средина

Фото: Мета.мк

Нема опасност по здравјето и животната средина од опожарената сува трева до малата депонија со линдан во дворот на ОХИС, информираат од Министерството за животна средина. По пожарот што се случи вчера, вонредна контрола во кругот на некогашниот индустриски капацитет извршил Државниот инспекторат за животна средина и констатирал дека станува збор за опожарена сува трева до малата депонија со линдан, но и на дел од поранешна административна зграда.

„Пожарот е локализиран, а дополнителна опасност по животната средина и здравјето на луѓето од запалување на линданот или други опасни материи не постои од причина што во кругот на ОХИС нема веќе складиран опасен хемиски отпад, а линданот е на безбедно, покриен е со глина и земја“, информираат од Министерството.