Извор на фотографија: Претседател на РСМ

Пред четири дена на патот Маврово-Дебар кај Бигорскиот манастир се случиле лавини и општинските власти морале да интервенираат сами за да го расчистат патот од снегот. За време на големиот пожар во август 2019 година на езерото Младост крај Велес, градоначалникот сам како командант на штабот морал да се јавува во Министерството за одбрана за да се ангажираат хеликоптери за гасење на пожарот. Луѓето вработени на локално ниво во Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување дремат и градоначалниците освен противпожарните служби немаат никаква контрола на службите за да излезат во пресрет на итни кризни ситуации. Со овие зборови, градоначалниците на Општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски, на Општина Велес Аце Коцевски и на Град Скопје Петре Шилегов се пожалија на функционирањето на постојниот систем за управување со кризни ситуации во земјава.

На денешната конференција „Подобрен капацитет за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво“ организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, тие влегоа во дискусија за негативните аспекти на постојниот систем со директорите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Беким Максути.

Постојниот систем за управување и заштита од кризи е изготвен во 2005 година и директорот на ДЗС Максути е согласен дека не е идеален.

Сепак, Максути посочи дека и според актуелните закони, општините и нивните служби се први коишто треба да интервенираат при одредена итна кризна ситуација. Тој како одговор на поплаките на градоначалниците, рече дека и противпожарните служби во општините се нефункционални, а недостига и заедничка команда над пожарникарите во случаи на поголеми несреќи на регионално ниво.

За да се зајакне стратешкото управување со кризи на локално ниво, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ја заврши првата фаза и во април ќе ја отпочне реализацијата на втората фаза од проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Република Северна Македонија“, кој го спроведува со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски на денешната конференција истакна дека седум општини (Велес, Гостивар, Кавадарци, Карбинци, Кичево, Конче, Маврово и Ростуше) и Градот Скопје беа вклучени во првата фаза од изработката на нацрт-стратешките планови за намалување на ризиците од несреќи и катастрофи.

Во април, посочи Трошановски, ќе започне втората фаза од проектот, со што разработените нацрт-стратешки планови во соработка со ЗЕЛС ќе се споделат и со останатите општини во државава.

Воедно, со општини од Обединетото Кралство заеднички ќе се организираат работилници, преку кои ќе се разменуваат искуства, решенија и споделени предизвици. На оваа тема, тие работат и на кампања за подигање на јавната свест меѓу граѓаните.

Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски на конференцијата истакна дека истражувањето на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ покажува дека ни недостасува системски пристап во намалувањето на ризиците од катастрофи.

Пендаровски порача дека нам ни е неопходен системски пристап во националните и локалните стратегии што ќе овозможи интегрирање на расположливите капацитети и ресурси на сите нивоа и дека е важно да постои политичка волја на централно и на локално ниво.

Тој ја поздрави реализацијата на проектот, кој има за цел да ги засили капацитетите за управување со кризи на осум единици на локалната самоуправа во Северна Македонија и да исцрта процес за развој на стратегии за подготвеност и управување со кризи на другите единици на локалната самоуправа.

Претседателот Пендаровски потсети дека Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Северна Македонија децидно побара подобрување на соработката и координацијата меѓу ДЗС и ЦУК. Тој подвлече дека ние сме една од ретките држави која сè уште нема воспоставено рамка за закрепнување во рана и последователна фаза.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека од 2015 година се води дискусија и се формирани работни тела за формирање на нова институција која би понудила поквалитетни решенија за управувањето со кризи во земјава.

Најдобриот модел не е пронајден, но Ангелов истакна дека треба да се вклучи и опозицијата во нејзиното пронаоѓање, за да се избегне во иднина повторно менување на поставеноста на системот за управување со кризи.

Тој предупреди дека системот за рано предупредување е нефункционален во земјава, но и додаде дека во моментов се работи на воведување на заедничкиот број 112 на итните служби, со што системот за управување со кризи максимално ќе им биде достапен на граѓаните.

Британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј на конференцијата спомена дека она што се случува на локално ниво директно влијае врз граѓаните и го истакнува контекстот на локалните власти во подготовката на одговори за кризата.

Од ковид-19 пандемијата произлегоа неколку лекции, рече амбасадорката Галовеј.

„Многу земји извршија ревизија на нивната подготвеност на националните планови за справување со катастрофи и пандемијата покажува дека локалните власти исто така треба да подготват систем за подготвеност за справување кризи“, порача амбасадорката.

Таа дополни дека треба да се ангажираат и граѓаните, преку нивно информирање и подигнување на нивната свесност, како и механизмите за учество во насока на нивна мобилизација за тие да работат со локалните институции.

Амбасадорката Галовеј рече дека пандемијата покажала оти е неопходен ефективен механизам за координација и таа е многу задоволна поради тоа што со овој проект ќе се сподели британското искуство за подготвеноста на локално ниво со општините во Северна Македонија, во делот на справувањето со кризи.