fbpx

Не постои ЕУ агенда за уништување на традиционалното производство на храна

-

Во објавата на Фејсбук не е споделен целиот текст и не може да се види дека станува збор за евтаназија на свињи во Хрватска поради исклучително заразната болест африканска чума, а не за постоење на некаков глобален план за уништување на традиционалното производство на храна и префрлање на синтетичко. Нема светски заговор за уништување на земјоделството, целта на Европската комисија е во наредните 10 години 25 проценти од земјоделството да биде искористено за органското производство. До 2030 година ЕУ мора да има воспоставено регулаторни инструменти кои ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови од земјоделството, ќе ја зголемат отпорноста на земјоделското производство, ќе ја подобрат биолошката разновидност во руралните области и ќе придонесат за обезбедување на здрава храна за растечката светска популација, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Хрватска е во ЕУ, чинам 10 години.
 Значи имате пример!
 Во ЕУ е во тек глобалниот план за уништување на традиционалното производство на храна и префрлање на синтетичко.
 Во меѓувреме во колонија аспирант за ЕУ, види десно слика.

Како поткрепа на тоа дека „во ЕУ е во тек глобален план за уништување на традиционалното производство на храна и префрлање на синтетичко”, се споделува фотографија, односно наслов од текст во кој се зборува за евтаназија на свињи во Славонија.

Но, со оглед на тоа што не е споделен целиот текст, не може да се види дека станува збор за евтаназија на свињи во Хрватска поради болест – африканска чума, а не поради постоење некаков глобален план за уништување на традиционалното производство на храна и префрлање на синтетичко.

Во текстот од хрватскиот медиум се вели дека откако хрватскиот ветеринарен институт потврдил присуство на африканска чума кај свињите на подрачјето на две жупании, за два месеца на фармите се случила катастрофа, односно со банкрот се соочуваат 444 земјоделски семејни фарми кои најмалку една година не смеат да набавуваат и да чуваат свињи, а закрепнувањето на свињарството може да потрае и до пет години. Според податоците на хрватското Министерството за земјоделство, африканска чума е потврдена во три објекти во Бродско – посавска жупанија и во 441 објект во Вуковарско-сремската жупанија. Се додава дека досега се усмртени 8.796 свињи. Сите усмртени свињи се наоѓале во објекти во кои со лабораториска анализа било утврдено присуство на африканска чума кај свињите. Болеста била потврдена и кај четири диви свињи. Фактот што болеста успеала да се ограничи само на две жупании во Хрватска се смета за добра реакција на надлежните служби. Сепак, луѓето се соочуваат со големи финансиски проблеми, зашто одгледувачите на свињи во овие две жупании речиси два месеца имаат забрана за продажба на свињи, свинско месо и производи од свинско месо, освен ако не ги продадат во кланици. Но, тоа во пракса не се случува, бидејќи кланиците ги земаат свињите од фармите кои работат во рамките на нивните корпорации.

Ова сега станува огромен проблем. Свињите кои пред два месеца тежеа 140 кг, сега се над 200 кг и во моментот никому не му требаат, бидејќи месната индустрија нема да преземе ништо потешко од 140 килограми,  вели Антун Голубовиќ, одгледувач  на свињи од Ѓурич (Славонија) и претседател на Одборот за одгледување свињи на Хрватската земјоделска комора (ХПК).

Тој сега практично останал без работа зашто 65 проценти од приходот му бил од свињите.

Сега ми останува да плаќам даноци и придонеси, ама луѓето како мене може слободно да прогласат стечај. Најголем проблем е што останав без расплоден материјал, без генетиката на која работев 20 години и која е сега изгубена. Сега во овој момент да престане заразата и некој да ми донесе свињи, да почнам од почеток, би ми требале најмалку три до четири години за да можам да бидам таму каде што сум бил до 3 август (пред заразата н.з.), плус уште една година забрана, значи  пет години. Имам 47 години и најверојатно ќе се одлучам за таков чекор, ама постарите луѓе нема, вели Голубовиќ.

Па, наспроти тоа што оваа манипулативна објава сака да го прикаже, вистината е дека во Хрватска, држава членка на Европската Унија, Министерството за земјоделие објави дека има африканска чума кај свињите, а хрватската ветеринарна комора упати апел да се почитува превенцијата и сите наложени владини мерки за да се спречи ширењето на болеста. Треба да се напомене и тоа дека хрватската влада има програма за обесштетување и помош  на домаќинствата кои поради оваа болест биле принудени да ги изгубат своите домашни животни – свињите.

Африканска чума  е многу заразно вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кај сите старосни категории. Вирусот се излачува преку крв, ткива, секрети и екскрети од болни или угинати животни. Болеста се пренесува и шири со: директен контакт помеѓу здраво и болно животно, трупови од угинати животни; индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека; биолошки пренос од векторот- мек крлеж од родот Ornithodoros. Оваа болест не е опасна по здравјето на луѓето, ама е многу смртоносна кај овие животни и не се лекува.

Контролата на болестите кај свињите се спроведува на три нивоа: превенција, рано откривање и брза реакција. Превенцијата кај животните може да биде директна или индиректна. Директната превенција опфаќа спроведување на биосигурносни мерки од одгледувачите на животни на фармите со цел да се спречи појавата на болеста и да се одржува здравствениот статус на животните на задоволително ниво.

Биосигурносните мерки на одгледувалиште се делат на надворешни биосигурносни мерки, кои се однесуваат на активности и мерки за да се спречи влез на инфективен агенс или причинител на болести на одгледувалиштето (bio-exclusion) и внатрешни биосигурносни мерки, кои опфаќаат мерки и активности за да се спречи ширење на инфективниот агенс или болеста на одгледувалиштето каде се појавила како и ширење на други одгледувалишта (bio-containment). На сите одгледувалишта на свињи треба да се спроведат основните принципи за биосигуност, а тоа се: сегрегација или изолирање, чистење  и дезинфекција. А на оние фарми на кои е утврдено присуство на африканска чума, нивните свињи се евтаназираат без економско искористување на животните.

Во врска со делот од постот во кој се вели дека во ЕУ е во тек глобален план за уништување на традиционалното производство на храна, има многу аргументи кои покажуваат дека ова е невистина и дека не се работи за никаква агенда или светски заговор.

На пример, целта на Европската комисија е во наредните 10 години, 25 проценти од земјоделството да биде искористено за органското производство.

Еврокомесарот задолжен за земјоделство, Јануш Војчеховски, вели дека за Европската комисија, органското земјоделство ќе стане приоритет.

Органското земјоделство ќе биде клучен сојузник во транзицијата што ја водиме кон поодржлив прехранбен систем и подобра заштита на органскиот сектор. Комисијата ќе продолжи да го поддржува органскиот сектор во целта – 25 отсто од земјиштето да биде искористено за органско производство до 2030 година преку соодветни политики и законска рамка, изјави Војчеховски.

Ваквиот вид на земјоделство, односно органското производство, користи природни супстанци и има помалку штетен ефект врз животната средина. Земјоделците што работат органско производство користат повеќе обновливи ресурси и внимаваат да биде заштитен еколошкиот биодиверзитет преку, на пример, одговорна употреба на водата. Органското земјоделство налага и построга заштита на животните и нивните потреби.

До 2030 година, ЕУ мора да има воспоставено регулаторни инструменти кои ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови од земјоделството, ќе ја зголемат отпорноста на земјоделското производство, ќе ја подобрат биолошката разновидност во руралните области и ќе придонесат за обезбедување на здрава храна за растечката светска популација.

ЕУ, исто така, цели да се искорени сиромаштијата, да се обезбеди достојна работа и економски раст, одговорно производство и консумација.

На втората фотографија споделена во оваа објава на Фејсбук се прикажува политичка порака со која се промовираат европските фондови за земјоделието кои во државата се успешна приказна.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Во ЕУ не е во тек глобален план за уништување на традиционалното производство на храна, плановите се храната во иднина не да биде синтетичка, туку органска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...