fbpx

Не е точно дека 40 проценти од смртните случаи во Финска биле лажни

-

Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Нема докази дека 40 проценти од смртните случаи во Финска биле лажни и фалсификувани. За да избегне да пријавува помалку смртни случаи отколку што навистина има, во Финска се користи системот да се пријавуваат и смртните случаи СО ковид и смртните случаи ОД ковид. За делот од насловот, пак, во кој се тврди дека Финска открила дека други земји го фалсификувале бројот на смртни случаи од ковид, во написот нема ниту збор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува текст со наслов:  „Речиси 40 проценти од смртните случаи биле лажни! Финска откри дека земјите го фалсификувале бројот на смртни случаи од ковид”.

Првото што се забележува по читањето на текстот е тоа дека воопшто текстот не се однесува на повеќе земји, туку само на една, наспроти тоа што се тврди во насловот и во воведниот дел од текстот дека „владините агенции ширум светот извршиле измама при известувањето за смртните случаи поврзани со ковид за време на пандемијата”.

Во текстот споделен во постот, се вели дека ковид не е вистинска причина за смрт кај 40 проценти од смртните случаи кои се припишуваат на ковид во Финска, затоа што приближно 95 проценти од смртните случаи имале и повеќе сериозни комобидитети, а дека просечната возраст на починатите била околу очекуваниот животен век.

Дали 40 проценти од смртните случаи во Финска поврзани со ковид-19 биле лажни?

Проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека податоците за смртните случаи со ковид-19 во Финска се презентираат погрешно од страна на корисници на социјалните мрежи, кои тврдат дека 40 проценти од пријавените пандемиски смртни случаи биле лажни или фабрикувани. Тоа се тврди и во постот што го рецензираме.

Финска ги пријавува смртните случаи 30 дена после позитивен тест за ковид-19, така што 40 проценти од смртните случаи се смртни случаи на пациенти кои биле со ковид-19, но смртта не била последица директно на ковид-19. Како и да е, официјалните здравствени власти на Финска за Ројтерс велат, дека со вклучувањето на смртните случаи во кои ковид можел да има удел, се избегнува евентуалното недоволно пријавување на смртните случаи.

Сирка Гобелер, водечки специјалист на Финскиот институт за здравје и благосостојба, на форензичкиот медицински оддел, за Ројтерс вели дека нема ништо фабрикувано или претерано во пријавените смртни случаи во Финска поврзани со ковид-19.

Таа навела дека причина за недоразбирањето е најверојатно наслов објавен од страна на фински медиум кој потоа го сменил насловот. Тековниот наслов на овој медиум е дека „Бројот на починати од ковид во Финска можеби е надброен за 40 проценти“. Насловот кога бил преведен на англиски, бил преведен како ,,претеран” и на крај дури и со погрешен превод се дошло до зборот фабрикуван, според Гобелер.

На крајот од текстот се гледа исправката на насловот.

Финска ги пријавува сите смртни случаи кои се случуваат после 30 дена од позитивен ковид тест. Проценката е дека повеќе од 90 проценти од смртните случаи поврзани со ковид-19 се случуваат во месецот после инфекцијата и финската здравствена агенција нотира дека интернационалните статистики исто така ги споредуваат стапките на смртност во рок од 30 дена.

Бидејќи инфекциите со ковид-19 во Финска се многу чести, многу луѓе во популацијата би биле пријавени во рамката од 30 дена. Смртните случаи во овие 30 дена, вклучуваат до 40 проценти на случаи со ковид- 19, иако не примарно поради ковид-19. Има многу случаи во кои примарната причина за смртта е долгорочна состојба како срцева болест. Инфекцијата со ковид-19 и во овие случаи е присутна и можеби го ослабела пациентот, вели Гобелер за Ројтерс.

Гобелер додава дека има два начини на мерење на смртните случаи на ковид, едниот од нив е „поради ковид“, а вториот „со ковид,“. Таа додава дека е важно да се забележат СИТЕ причинители на смртните случаи рано во пандемијата и тоа била целта да се пријавуваат сите смртни случаи во рок од 30 дена од позитивниот ПЦР тест. Но, сега, фокусот е на смртните случаи поради ковид.

Иако триесетте дена ги покриваат сите смртни случаи поврзани со ковид, исто така има вклучени случаи во статистиката во кои коронавирусот не е примарна причина за смртта.  Ако пријавуваме само случаи во кои ковид-19 е примарната причина на смртност, тогаш ќе пријавуваме помалку ковид смртни случаи отколку што навистина има, додава таа.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот. Нема докази дека 40 проценти од смртните случаи во Финска биле лажни и фалсификувани. За да избегне да пријавува помалку смртни случаи отколку што навистина има, во Финска се користи системот да се пријавуваат и смртните случаи СО ковид и смртните случаи ОД ковид. За делот од насловот за кој се тврди дека Финска открила дека други земји го фалсификувале бројот на смртни случаи од ковид, пак, во написот нема ниту збор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...