Наумовска: Матурантите препишувале на државната матура

Фото: Sergey Zolkin on Unsplash

Делови од текстови или цели текстови препишувале матурантите посебно по предметот англиски јазик, а тоа го евидентирале оценувачите на тестовите, рече денеска  Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар. Додека се чекаат официјалните извештаи на оценувачите кои треба да напишат што сè регистрирале, Наумовска рече дека тие нотирале препишани текстови.

Инаку вкупниот среден успех кој го постигнале матурантите оваа година на полагањето државна матура, е 3,61. Во 2019 година тој изнесувал 3,48, односно евидентно е подобрување и покрај отежнатите услови за настава заради ковид-пандемијата, изјави директорката.

– Имало копирање на цели текстови, посебно по испитите по странски јазици односно по англиски јазик. Оценувачите кога го увиделе тоа, не го толерирале. Инаку, во сите училишта денеска во 12 часот на огласните табли и на сајтот matura.gov.mk се објавени резултатите. Матура полагаа безмалку 15.300 матуранти. Македонски јазик полагаа 10.647 ученици, кои постигнале средна оценка од 3.93. Пред две години, овој просек бил 3,69. Англиски јазик полагаа 13.033 ученици. Средниот постигнат успех е 2,82, а во 2019 година тој бил 3,07. Предметот математика го полагале 1.510 ученици, кои постигнале успех од 4,07, што е полошо од 2019 година, кога средниот успех бил 4,66 – рече Наумовска.

Секој кандидат кој не е задоволен од постигнатиот резултат има право да поднесе приговор во рок од три дена, почнувајќи од денеска. На веб-страницата matura.gov.mk има пример за тоа како треба да изгледа еден приговор. Тој се поснедува преку учиулиштето, а цената за приговор е 1.500 денари.