Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг | Фото: НАТО

„Поправедна распределба на товарот“, односно порамноправно вложување во одбраната, зајакнување на одбранбените и способностите за одвраќање, како и засилување на отпорноста на општествата се главни теми на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во рамки на Северноатлантскиот совет. Македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска на денешната сесија преку видео-конференциска врска се заблагодари за помошта на НАТО од 60 респиратори вредни 1,4 милиони евра во борба против пандемијата на коронавирусот.

Една од главните теми на состанокот е зголемувањето на воените буџети на сојузниците, односно „споделувањето на финансискиот товар“ на колективната одбрана.

„Северна Македонија останува посветена на определбата за континуирано зголемување на одбранбениот буџет и достигнување на 2% од БДП во 2024, како и одвојување на 20% од буџетот за одбрана за опремување и модернизација во 2021 година“, соопшти Министерството за одбрана веднаш по првата сесија.

На денешната средба, сојузниците донеле одлука за основање на НАТО Вселенски центар во рамки на Сојузничката воздухопловна команда во воздухопловната база Рамштајн во Германија. Центарот, како што појасни генералниот секретар Јенс Столтенберг по првата сесија, ќе ги координира сојузничките активности во вселената, односно првенствено треба да ги заштити сателитските телекомуникациски и информатички врски од новите способности на Русија и Кина кои, според Столтенберг, развиле капацитети да ги заслепат или уништат сојузничките сателити.

Една од главните теми на состанокот е и зајакнување на отпорноста или, со речникот на Столтенберг, „жилавоста“ на општествата во земјите-членки. Во оваа точка, НАТО се фокусира на критичната инфраструктура и на капацитетите на општествата значајни за одбраната.

„Современите предизвици ги надминуваат рамките на одбраната и армијата и бараат координиран пристап и заеднички одговор на целото општество“, гласи една од формулациите на денешниот состанок.

НАТО, додаде Столтенберг, подготвил посебен извештај за слабостите на земјите-членки во области како пристап за воените сили до цивилната инфраструктура во криза или конфликт, телекомуникациите, сајбер-заканите, безбедноста на ланците за снабдување, последици од странска контрола или сопственост врз инфраструктура…

– Нашите војски зависат од цивилната инфраструктура, услуги и ресурси. Не можеме да имаме силни армии без силни општества, додаде Столтенберг и најави минимум стандарди на отпорност за сите сојузници.

На состанокот се зборува и за операциите во Авганистан, Ирак и Косово, за зајакнување на конвенционалните сили.