Настанот „Од визија до реалност: „Демир Капија заштитено подрачје’“ кој ќе се одржи утре е првиот од низата културни настани преку кои јавноста ќе има можност да се запознае со иницијативата за прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје. Со оваа иницијатива ќе се обезбеди активна заштита на демиркаписката клисура и долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.
Информативниот културен настан ќе се одржи утре, сабота, во Градскиот парк во Демир Капија, со почеток во 14:00 часот.
На утрешниот настан ќе се презентира за иницијативата „Заедно за реките“ како и најава за следните активности во процесот на прогласување на заштитено подрачје. Дополнително, посетителите ќе може да видат изложба од фотографии на природата на Демир Капија како и да чујат музички изведби од групите „Љубојна“ и „Летечки пекинезери“.
Иницијативата „Заедно за реките“ има за цел да заштити повеќе од 400 километри реки низ нашиот регион. Таа беше покрената од меѓународната организација за заштита на природата The Nature Conservancy, а партнери се Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко–свест “од Македонија, Центарот за заштита на животната средина и здруженијата „Динарика“ и „Нови вал“ од Босна и Херцеговина, Еко-тим од Црна Гора, и Еколошкото друштво „Рзав“ од Србија.