fbpx

Насилство, говор на омраза и нееднаквост меѓу мажите и жените и во минатата година

Пониските примања, пократкиот работен век и високата неактивност на пазарот на труд придонесуваат за поголем ризик од сиромаштија, поголема економска несигурност и влошување на финансиските перспективи за жените во сите фази од животот, пишува Порталб во анализата за родавата (не)еднаквост

-

Голем број протести, насилство, убиства, закани, говор на омраза, економска нееднаквост, недоволно спроведување на законите и низа други ненадминати предизвици. Ова, накратко, е она што ја одбележаа 2023 година во Северна Македонија во однос на родовата (не)еднаквост. Порталб.мк носи една ретроспектива на она што се случуваше минатата година на ова поле.

Бројни проблеми

Дека жените во нашата земја сè уште се соочуваат со многу проблеми беше истакнато и на Меѓународниот ден на жената, 8 март и во 2023 година, преку протестот на активистите за правата на жените и за еднакви можности меѓу половите.

„Не сакаме тава, сакаме права“, беше една од многуте пораки на протестот.

Некаде кон средина на годината се обзнани дека во 2022 година од вкупно 1.117 регистрирани кривични дела од областа на семејното насилство, 942 беа жени, сопруги, мајки или ќерки, а од вкупно пријавените сторители 1.061 беа мажи.

Кога сме кај насилството, објавивме и дека на бесплатната СОС линија 141 700 наменета за помош на жртвите на семејно насилство се остваруваат и до 350 повици месечно.

Во таа насока, медиумите во Северна Македонија немаат доволно капацитет за третирање на темите за семејното насилство. Вработените во медиумите велат дека останува проблематичен недостигот од континуирана уредувачка политика во однос на пријавите за родово насилство. Овој заклучок произлезе од истражувањето спроведено од Институтот за комуникациски студии.

Предлог-законите за матичната евиденција и родова еднаквост со кои се прави диференцијација како „пол, род и родов идентитет“ беа неприфатливи за челниците на МПЦ – ОЕ (Македонска православна црква – Охридска епископија), ИВЗ (Исламска верска заедница), КЦ ( Католичка црква), ЕМЦ (Евангелско-методистичка црква) и ЕЗ (Еврејска заедница). Во оваа насока се одржа и проруски протест.

Економска нееднаквост

Една од економските анализи на Порталб.мк за месец јули ја истакна родовата (не)еднаквост, жените vs мажите во однос на парите, моќта, знаењата. Жените во Северна Македонија заработуваат помалку и се повеќе изложени на ризик од сиромаштија во споредба со мажите.

Пониските примања, пократкиот работен век и високата неактивност на пазарот на труд придонесуваат за поголем ризик од сиромаштија, поголема економска несигурност и влошување на финансиските перспективи за жените во сите фази од животот.

Не се казнува говорот на омраза на Интернет, особено кон жените

Деталната анализа на Порталб покажа дека во Северна Македонија во последните години зачестени се случаите на говор на омраза на интернет. Податоците покажуваат дека најпогодени од овој проблем се жените, кои главно се јавни лица, но не само тие, како и припадниците на ЛГБТ+ заедницата. Од друга страна, институциите не прават доволно на овој план, додека пак граѓанското општество и меѓународните извештаи продолжија да алармираат.

Го имавме и медиумскиот скандал на Драган Павловиќ – Латас и Стефан Лазаров кои преку поткаст се потсмеваа на сексуалното насилство врз жените.

И во текот на 2023 година продолжија заканите кон новинарите.

„Шамарите” на ЕУ

Потребата од усвојување на Законот за родова еднаквост, предизвикот за спроведување на Истанбулската конвенција, насилството врз жените, недостатокот на жени на пазарот на трудот, дискриминацијата во однос на платите, промовирањето на родовата еднаквост во медиумите беа само некои од точките каде што Европската комисија ја „потегна“ Македонија за уво во Извештајот за 2023 година на нејзиниот пат кон европската интеграција.

Меѓу другото, Извештајот го истакна растечкото антиродово движење низ целата земја, антиродовите кампањи, понекогаш поддржани од претставниците на локалната власт, верските и политичките лидери, кое предизвикува сериозна загриженост.

Мал напредок на високите позиции

На почеток на годината Владата го усвои Акциониот план за спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022-26.

Во февруари Владата исто така ја усвои одлуката со која за прв пат жените-земјоделки ќе можат да користат платено породилно отсуство.

Во февруари беа усвоени и неколку измени на Кривичниот законик со кои се регулира родовото насилство.

Со реконструкцијата на Владата на почеток на годината имаше и една мала позитивна промена во однос на поставувањето на жени на министерски и заменик-министерски позиции.

Собранието на Република Северна Македонија на 27 февруари изгласа четири нови министри, со што бројот на министерки во Владата се зголеми од четири на пет. На 2 март Собранието изгласа и пет нови заменик-министри , три од нив беа жени и со ова бројот на заменици-министри се искачи на пет, бидејќи претходно на оваа функција беа само две.

На 8 март, на Меѓународниот ден на жената, Собранието на Република Северна Македонија ја одржа првата седница посветена ексклузивно на промовирањето на родовата еднаквост.

Во септември Собранието конечно ги изгласа измените на Законот за данок на додадена вредност преку кои се планира намалување на данокот од 18% на 5% за средствата за менструална хигиена, со што ќе се намали и продажната цена.

Одржани се низа конференции, дебати, дискусии , собири , панели и oрганизирања во насока на зголемување на свеста за родовата еднаквост и голем број на теми поврзани со неа, како од локални така и од меѓународни организации.

Што во 2024 година?

2024 година нема да биде лесна за Северна Македонија на ова поле бидејќи државата ја чека уште многу работа. Земјата треба да работи напорно во областа на родово заснованото насилство и насилство врз жените, треба да се обезбедат повеќе средства и поголема имплементација на Истанбулската конвенција.

Мора да се зајакнат службите за жртвите на семејно насилство. На судиите и на обвинителите треба да им се понуди постојана обука за професионален развој за прашања како што е родовото насилство врз жените. РСМ треба да работи на намалување на родовиот јаз на пазарот на трудот и во платите. Родовата еднаквост треба да се промовира повеќе во медиумите. Со оглед на тоа што 2024 година ќе биде и година на избори, од политичарите ќе слушнеме многу за застапеноста на жените во одлучувањето, како и во секој изборен циклус. Но, останува да видиме каков ќе биде резултатот на нивните ветувања.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Погрешно се тврди дека еден од осомничените за нападот во Москва е чеченскиот милитант Ажиев

Човекот на фотографијата, кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан...