Најавена е најновата игра „Blade Runner“, ќе се објави догодина

Во 2024 година ќе излезе најновата игра со наслов „Blade Runner 2033: Labyrinth“

Blade Runner Labyrith screenshot from YouTube game trailer on Gamespot
Извор: Скриншот од трејлерот за играта објавен на Јутјуб

По мотив на еден од најдобрите своевремени филмови на темата сајберпанк – филмот Blade Runner излезен во 1982 година во режија на Ридли Скот, во 2024 година ќе излезе најновата игра со наслов „Blade Runner 2033: Labyrinth“. На истата тема веќе има одлична постара видео игра, но овој пат ќе ви го презентираме трејлерот за играта што допрва ќе следи.

По првиот филм „Blade Runner“ и неговата континуирана популарност низ повеќе генерации на луѓе, веќе е “јавна тајна” дека премисата во приказната е дека “И Декард е репликант”.

За неупатените, Декард е Блејд Ранер вид на полицаец и детектив што лови избегани репликанти коишто работат како рудари на колонии надвор од планетата Земја, кои нашле начин да се ослободат и да се прошверцаат со вид на транспорт до Земјата.

Тој го администрира “воид кампф тестот” преку машина која бележи реакции при психолошки тестови на луѓе, со кои се проверува дали се “вештачки луѓе” (репликанти) или вистински луѓе. Репликантите имаат “ограничен рок на трање”, односно живеат многу помалку од луѓето, бидејќи се иницијално направени на тој начин.

Групата репликанти предводена од Рој Бети (Рутгер Хауер) пробува да дојде до креаторот Тајрел од “Тајрел Kорпорацијата”, чие мото е “Почовечно од човечкото”. Секако, тука е образецот од научната фантастика за андроидот што сака да стане човек, којшто иронично го има и во приказната за Пинокио и чудовиштето на Франкештајн.

Говорот на Рутхер Хауер (играјќи го ликот Рој Бети) кратко познат како “Tears in the Rain” е една од најдобрите сцени воопшто во научно фантастичните филмови. На IMBD сајтот направен е колаж од сцени со неговите филмови, и тоа токму со овој говор како оди во позадина – во чест на овој одличен актер, што почина во 2019 година.

Поставениот свет на мрачна иднина има коли што летаат, но адресира и еколошки прашања – дека има преголема загаденост на воздухот и прашања за правата на животните. Во светот на Блејд Ранер, животните се целосно истребени и сите животни што се направени се синтетички, но изгледаат како реалните.

Тоа дека и Декард е репликант се открива, така што негов колега – детектив му дава знаци и хинтови за работи што Декард ги видел само во своите соништа, но и тие соништа се програмирани за што се доказ оригамите и рачните изработки што ги прави другиот детектив да му го даде ова суптилно до знаење.

Во најновиот филм се оди и чекор понатаму – што ако репликантите можат да имаат деца. И дали има разлика меѓу вештачки човек и обичен човек. Ова нормално од книжевен аспект во подконтекст е коментар за “вештачноста” на луѓето околу нас, колку глумат почит и колку се искрени воопшто.

Првиот филм е одличен со амбиенталната музика на Вангелис – еден од најпреслушуваните саундтраци воопшто од научно-фантастичен филм. Првиот филм исто така е далеку подобар од продолжението.

Да се надеваме дека оваа видео игра ќе биде успешна и ќе нè воодушеви уште повеќе со сосема нова приказна од овој свет на мрачна сајберпанк иднина, бидејќи сетингот е дистописки – Лос Анџелес после “блекаутот”.