Прва помош за повредените во бомбашките напади на аеродромот во Кабул. Фото: Исечок од видео на Ал Џазира, 26 август 2021

Повеќе од 100 луѓе, од кои 90 Авганистанци и најмалку 13 војници на САД, ги загубија животите во вчерашните бомбашки напади пред аеродромот во Кабул, главниот град на Авганистан, како и во неговата близина, кажуваат најновите податоци од утринава, известува Би-Би-Си.

Една експлозија во толпата луѓе што чекаа шанса да бидат евакуирани со авион од аеродромот што го контролираат вооружените сили на САД, беше напад од бомбаш-самоубиец, по што уследи напад со огнено оружје од друг напаѓач на толпата. Втората експлозија се случи во хотел до аеродромот.

Бомбашките напади за коишто завчера и вчера предупредија западните земји се истовремено и најголемата загуба на персонал на војската на САД во Авганистан од 2011 година досега, а се случија само пет дена пред крајниот рок што Талибанците, коишто од 14 август ефективно владеат со Авганистан, го дадоа за евакуација на странски државјани и на Авганистанци што соработувале со странските војски, амбасадите и меѓународните и невладините организации, како и активисти за човекови права.

Евакуацијата со авиони продолжи рано утрово.

Нападите ги изврши терористичката организација Исламска држава Корасан, локално крило на Исламска држава.

Претседателот на САД, Џо Бајден, се закани со одмазда кон Исламска држава Корасан, а Демократите, партијата што го кандидираше Бајден, порачаа дека во Конгресот ќе се испитува одговорноста на Бајден за загубите на човечки животи.