fbpx

Нацевска: Денарот е стабилен, „подгревањето“ на инфлацијата е нешто што може да доведе до раст на цените

-

Денарот е стабилен, уверуваат од Народната банка. Вицегувернерката Емилија Нацевска, објасни дека поскапувањата кои се случуваат во изминатиов период се случуваа заради растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата.

„Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а „подгревање“ на инфлациските движења не е потребно“, порача Нацевска, во гостување на емисијата „Утрински брифинг“.

Таа, рече дека причината за побрзиот раст на цените во првите девет месеци годинава од 2,8 отсто, во однос на очекувањата за раст од 2,2 отсто за целата година, се на страната на понудата.

„Тоа се должи, пред сè, на повисокиот раст на цените на енергенсите на глобално ниво ‒ цената на нафтата и гасот, што доаѓа по високиот пад на цените минатата година и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување, како резултат на пандемијата“, рече Нацевска.

Вицегувернерката додаде дека со закрепнувањето на глобалната економската активност, доаѓа до побрз раст на побарувачката во однос на понудата и создавање тесни грла во снабдувањето коишто прават ценовни притисоци.

Според неа, оцените на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и на други меѓународни организации, коишто ги следат овие движења, се дека оваа состојба е од привремен карактер и очекувањата се дека таа ќе се надмине во текот на идната, 2022 година.

„Ние сме земја којашто енергетски и суровински е зависна од увозот и движењата на светските берзи се одразуваат и на домашните цени ‒ на цените на храната и други производи. Оттаму доаѓа овој ценовен раст“, посочи Нацевска.

Сепак, таа истакнува дека дополнителните инфлациски „подгревања“ и нивното неосновано вградување во цените од страна на домашните економски субјекти може да доведе до раст на инфлацијата, што не е потребно, ниту, пак, е засновано на објективни економски параметри.

„Простор за паника од инфлација нема, но треба да се однесуваме одговорно и не треба неосновано да се создаваат ценовни притисоци онаму каде што нема потреба, бидејќи тоа ќе се одрази на целата економија. „Подгревањето“ на инфлациските очекувања е нешто што може да доведе до раст на цените. Во вакво сценарио, централната банка реагира преку монетарната политика, вклучително и со раст на каматната стапка, што сепак не е пожелно во услови кога нема нерамнотежи, а на економијата сè уште и е потребна поддршка за закрепнување од пандемијата“ вели Нацевска.

Нацевска посочува и дека кондицијата и подготвеноста на Народната банка го потврдуваат капацитетот за остварување на основните цели, а потврда за тоа е и макроекономската стабилност одржувана без прекин во изминатите 26 години.

„Тоа е и благодарение на капацитетот на девизни резерви, којшто со годините го изградивме. Нивото на девизни резерви е соодветно, со покриеност на идниот увоз од околу пет месеци. Ние секојдневно ги следиме движењата на девизниот пазар, а да посочам дека во третиот квартал на девизниот пазар и откупивме вишок на девизи“ уверуваше Нацевска и нагласи дека денарот е стабилен и ќе биде стабилен, а надворешните фактори и случувања не влијаат на стабилноста на курсот ‒ посочува вицегувернерката.

Во емисијата, вицегувернерката Нацевска истакнува и дека за одржување на ценовната и финансиската стабилност, од големо значење е независноста на Народната банка, којашто се споменува во сите извештаи на Европската комисија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...