Фото: Влада

Владата на денешната седница усвои предлог-текст на Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на ковид-19, со што ќе бидат опфатени преку 150.000 граѓани, информираше на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Во законот, кој беше вклучен во петтиот пакет економски мерки, исто така се предвидува граѓаните да ја исплатат само главницата на долгот на повеќе рати.

„Со законот се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физички лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репорограмирање на галвниот долг и трошоци на физичките лица кои доспеале за плаќање, заклучно со денот на влегување во сила на овој закон,“ изјави Заев.

За оваа цел, државните органи и јавните институции опфатени со законот, како и УЈП, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата за секој граѓанин во рок од 90 дена од влегување во сила на законот. Потоа, најдоцна за 15 дена ќе треба да ги известат физичките лица – нивни должници со јавна објава на официјалните веб страници, преку медиуми или на друг начин.

Заев ги повика приватните компании, кон кои граѓаните имаат долг, да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет.