На 100-годишна возраст од ковид-19 почина сер Том Мур, британски ветеран од Втората светска војна

Сер Том Мур собра 39 милиони фунти за националниот здравствен систем минатата година. Фото: Скриншот

Том Мур, ветеран од Втората Светска војна почина на 100-годишна возраст, кратко откако беше дијагностициран со корона вирусот, јави „Гардијан“.

Во Велика Британија серијалот почести за овој некогашен капетан го предводеше кралицата Елизабета Втора, која во јули на Мур му ја додели титулата „Сер“ откако тој при првиот локдаун на земјата во пролетта минатата година, во хуманитарна акција собра речиси 39 милиони фунти за Националната здравствена служба.

Мур бил хоспитализиран во болница во Бедфорд во неделата, откако некое време се лекувал од пневмонија, а предминатата седмица му бил дијагностициран корона вирусот.

На бранот почести за овој човек што во последната година од својот живот ја одушеви нацијата со големата акција за помош на националниот здравствен систем се приклучи и Владата, спуштајќи го знамето пред Даунинг Стрит 10 на половина копје, а на градските совети во Обединетото Кралство им е наложено да го сторат денеска истото.

Премиерот Борис Џонсон го опиша Сер Том Мур како „херој во вистинската смисла на зборот“.

„Во мрачните денови на Втората светска војна тој се бореше за слобода и среде најголемата криза на оваа земја по војната тој повторно не охрабри и го отелотвори триумфот на човечкиот дух“, порача Џонсон.

Кралицата Елизабета Втора сочувство изразила во приватна порака, а во Долниот дом на парламентот дебатата беше прекината со едноминутно молчење.

Националната здравствена служба се заблагодари за ангажманот преку Твитер, со порака „Благодариме за сè, Сер Том“.