МВР: Нема никакви барања од венецуелските власти во однос на обвинувањата кон македонски државјани

„Хакерскиот напад дојде од Северна Македонија“, рече венецуелскиот обвинител Сааб, без да приложи никакви докази

-

Северна Македонија не добила никакво барање или информација од властите во Венецуела дека македонски хакери биле вклучени во мешање во спорните избори во земјата.

Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево соопшти дека Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани.

По претседателските избори во неделата, на кои сегашниот претседател Николас Мадура прогласи победа и покрај изборните нерегуларности, неговиот главен обвинител Терек Вилјам Сааб вчера рече дека е покрената истрага против опозициската лидерка Марија Корина Мачадо и неколку нејзини соработници за наводна вмешаност на хакерски напад против системот за пренос на податоци на Националниот изборен совет.

„Хакерскиот напад дојде од Северна Македонија“, рече Сааб, без да приложи никакви докази, додавајќи дека овој напад наводно бил координиран од лидерите на венецуелската опозиција.

„Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани и исто така наведуваме дека до сега, не се пристигнати никакви барања или информации во однос на горенаведеното од страна на властите во Венецуела за понатамошни проверки од наша страна“, се вели во денешното соопштение на македонското МВР.

Од Министерството додаваат дека појавувањето на македонски ИП адреси во некаков наводен напад не значи дека истите изворно потекнуваат од Македонија.

„По досегашното искуство може да информираме дека постои голема веројатност истите да користат ВПН (Виртуелни приватни мрежи) или пак да се дел од поголема BotNet мрежа, односно да потекнуваат од таканаречени инфицирани зомби компјутери, кои се компромитирани од страна на хакери преку компјутерски вируси или  малициозен софтвер и истите можат да извршат зададени задачи далечински управувани од поединци или група на потенцијални хакери“, се додава во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Од таму додаваат дека најчести жртви на ваквите „зомби компјутери“ се лица кои не знаат дека нивните уреди се инфицирани со малициозен софтвер и без нивно знаење и согласност се вршат Ddos напади кои претставуваат злонамерен обид да се наруши нормалниот интернет сообраќај на зададениот сервер.

Според официјалните резултати, претседателот на Венецуела, Мадуро, освоил 51,2 отсто од гласовите наспроти 44,2 отсто на опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес Урутија.

Опозицијата ги оспори резултатите, обвинувајќи го Мадуро за измама.

Во многу градови во Венецуела избија протести и насилни судири.  Повеќето земји со скептицизам ги дочекаа официјалните резултати од изборите, главно поради тоа што властите не дозволија независни изборни набљудувачи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

УСС УКИМ: Филозофскиот факултет ги повлече зголемените трошоци за студентите

Филозофскиот факултет ги повлече новововедените трошоци за „онлајн ресурси“ и „материјални ресурси“, што студентите на овој факултет требаше да ги плаќаат при запишувањето на претстојниот зимски семестар. Универзитетското студентско собрание...