МОН е подготвено да пренамени дел од средствата за покачување на платите во образованието

Јетон Шаќири, министер за образование и наука. Извор: МОН

Министерот за обрзование и наука Јетон Шаќири во вчерашното гостување на Телевизија Алсат-М истакна дека МОН е подготвено да пренамени дел од буџетските средства со цел доближување до процентот на покачување на платите кој го бара Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

„Како министер за образование и наука, подготвен сум да направам отстапки од повеќе инвестициски и други активности кои се дефинирани во програмата за работа на МОН за оваа календарска година, а кои предизвикуваат фискални импликации, сè со цел да се обезбедат повеќе средства со кои ќе се доближиме до процентот на покачување на платите на наставниците кој го бара СОНК“, рече Шаќири.

Тој додаде дека ова го побарал и од другите министри во Владата и дека во ова гледа опција преку која може да се постигне решение во рамки на социјалниот дијалог со синдикатот. Потенцираше дека преговорите со СОНК се интензивираат и дека до крајот на оваа недела се надева на постигнување договор.

„Штрајкот е започнат и бараме решение за надминување на ситуацијата што поскоро. Секако Владата ќе достави предлог до синдикатот, кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава“, рече Шаќири.

Министерот додаде дека заложбата на Владата е да се изнајде системско решение со кое платите на вработените во областа на образованието ќе растат со секое покачување на минималната плата, што всушност е и едно од барањата на СОНК.

Членовите на синдикатот штрајкуваат трет ден поради непостигнатиот договор со Владата за пораст на платите на наставниците во училиштата и на воспитувачите во градинките. Настава во дел од училиштата нема, додека децата во градинките се згрижуваат од заменски кадар.