„Моќта на кучето“ ја зеде наградата за најдобар филм, „Дина“ со пет награди на вчерашното доделување на BAFTA

Фото: Принтскрин од видео на БАФТА за време на доделувањето на наградата за најдобар звук за „Дина“

Вчера, во просториите на Ројал Алберт Холот во Лондон се одржа 75-то издание на церемонијалното доделување на филмските награди од страна на Британската академија за филм и телевизија (BAFTA) што традционално се одржува од 1949 година.

Каубојската драма, „Моќта на кучето“ ги доби наградите од двете главни категории, најдобар филм и најдобра режија за филмската креаторка, Џејн Кемпион. За време на настанот кој по паузата од минатата година повторно се одржа со физичко присуство, актерите искажаа поддршка за населението на Украина по последователните воени настани што периодов се случуваат на тамошното тло. Актерот Бенедикт Кумбербеч кога ја прими наградата во име на Џејн Кемпион носеше беџ со боите на украинското знаме.

Својата солидарност ја изрази и директорот на академијата на филм и телевизија, Кришненду Маџумда велејќи дека БАФТА наградите не можат да ги занемарат заштрашувачките настани во светот.

„Одржуваме контакт и со Украинската агенција за филм и другите филмски агенции низ Европа. Сите стоиме зад поракате дека, важно е што многу новинари ја следат целата ситуација, голем дел од нив е и членови на нашата академија и ние сме горди поради тоа, затоа што луѓето заслужувват да ја знаат вистината. Нашите мисли се со народот на Украина, како и со оние кои се погодени од други конфликти ширум светот“, истакна тој.

Признанието за најдобар британски филм заслужено го доби филмот „Белфаст“, именуван по градот Белфаст кој ја носи приказната за детството на едно дете кон крајот на 60-тите години од минатиот век за време на немирите во Северна Ирска меѓу протестантите и католиците.

Неверојатната филмска адаптација на новелата „Дина“ од Франк Херберт се здоби со пет награди меѓу кои за најдобра кинематографија, најсоодветен продукциски дизајн, титулата оригинална партитура, најдобро избран звук и музика и визуелни ефекти.

Најдобар странски филм, надвор од рамките на англискиот јазик е јапонскиот филм „Вози ја мојата кола“, а во категоријата за документарен филм наградата ја доби филмот „Лето на душата“ снимен за приказната на незаменливиот американски музичар, текстописец и продуцент, Слај Стоун.

Вил Смит, по добивањето на наградата за најдобар актер на Златните глобуси за филмот „Кралот Ричард“ доби и БАФТА со истото признание. За најдобра актерка, академијата ја награди Џоана Скенлан за својата улога во филмот „По љубовта“ во дистрибуција на Би-би-си филм.

Наградата за најдобра споредна женска улога и припадна на актерката Аријана Дебосе за толкувањето на ликот на Анита во мјузиклот „Приказна од западната страна“. Трој Костур за улогата во „КОДА“ е првиот актер со намалени способности за слух и говор да ја добие наградата за најдобар машки актер во споредна улога. Тоа ја предизвика реакцијата на публиката да оддаде аплауз и честита на Трој со употреба на знаковен јазик токму како што тој, неговата сопруга и синот во филмот ја бодрат нивната ќерка и сестра на нејзината аудиција за пеење. „КОДА“ ја доби наградата и за најдобро адаптирано сценарио, додека Синди Толан од „Приказна од западната страна“ наградата за најдобар кастинг.

Оригинално сцнеарио има филмот „Ликорис пица“, а најновиот Џејмс Бонд филм со Даниел Крег, „Нема време за умирање“ е најдобро уреден.

Сите останати награди, номинации и категории може да се погледнат ТУКА.