МНР: Македонските државјани кои се наоѓаат во Либан да ја напуштат земјата

Истовремено, поради непредвидливата безбедносна состојба на Блискиот Исток, од МНР порачуваат граѓаните да ги одложат патувањата кои не се неопходни кон Израел

-

Сите наши државјани кои се наоѓаат во Либан, да ја напуштат земјата во прва можна прилика поради влошената безбедносна ситуација, повика утрово Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Истовремено, од МНР порачуваат граѓаните да ги одложат патувањата кои не се неопходни кон Израел, поради непредвидливата безбедносна состојба на Блискиот Исток.

„Дополнително, македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел, да ги следат упатствата на националните безбедносни власти и во зависност од потребата и динамиката на безбедносната ситуација, да го напуштат Израел“, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Од таму додаваат дека, за повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството – 075 273 732 и 075 268 736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972 54 926 7378.

Стравувањата дека војната во Газа е на работ да прерасне во регионален конфликт на Блискиот Исток се зголемија по вчерашните коментари на Иран дека очекува нејзините сојузници во Либан – моќната шиитска милиција Хезболах, да почне да напаѓа подлабоко во Израел и оти нападите повеќе нема да бидат ограничени само на воени цели.

Тензиите достигнаа невидени нивоа неделава по атентатите на Фуад Шукур, вториот човек на Хезболах и Исмаил Ханије, политичкиот шеф на Хамас.

Израел ја презеде одговорноста за убиството на Шукур во нападот во Бејрут во кој загинаа уште четири лица, а беа повредени околу седумдесет. Земјата тврдеше дека Хезболах е виновна за ракетниот напад врз Голанската Висорамнина контролирана од Израел минатиот викенд, кога загинаа 12 деца и млади. Хезболах негираше дека го извршила нападот.

Израел и Хезболах меѓусебно се напаѓаат откако Хезболах почна да пука прва, ден по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година, наводно за да им помогне на своите палестински сојузници.

Паралелно со борбите во Газа, конфликтот на сината линија што ги дели двете земји постојано ескалира во последните месеци, при што десетици илјади луѓе од двете страни се раселени од своите домови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Студентското собрание на УКИМ со реакција за зголемените трошоци: Образованието мора да остане достапно за сите

Како Универзитетско студентско собрание, ги разбираме предизвиците со кои се соочува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во справувањето со трошоците. Меѓутоа, сметаме дека најголемиот дел од овие финансиски...