Млади кои корона кризата ја искористија за успешни бизнис приказни

Фото: Архива на Мета.мк

Во корона кризата, дел од младите видоа можност да покренат свои бизниси или пак да ги прилагодат веќе започнатите според новото нормално, кое го наметнаа рестриктивните мерки за заштита од вирусот.

Приказните кои за „Мета.мк“ ги раскажаа претприемачите од Битола Теона Манго, Горан Бакревски и Дарко Милевски, се пример дека, има и такви млади кои креативно и позитивно се справија со кризата.

Теона Манго основач на брендот Beyond Green

Теона Манго е основач на брендот Beyond Green кој е еко френдли и одржлив бренд основан во 2020 година. Производите се направени од еколошки и одржливи материјали, а идејата е да се промовира еколошки и зелен начин на живот, а притоа да се намали правењето на отпад и користење на производи кои ја загадуваат животната средина.

„Живеев во Лондон до 2020 година, кога почна короната се вратив овде и останав непланирано веќе една година. Во карантин, како и сите, имав премногу време. Кога се вратив тука да живеам, забележав колку е ниска еко-свеста и колку немаме еко-одржливи производи, па така се роди идејата да започнам еко-френдли одржлив бренд. Вишок времето кое го имав, пак ми овозможи да истражувам и да најдам кои производи и кои материјали се најдобри, најодржливи,“ вели Манго и додава дека корона-кризата ги сменила и навиките на купување.

„Луѓето наместо во продавница купуваа онлајн, а мене сите производи ми беа на е-шоп,“ додава Манго.

Горан Бакревски работи како стоматолог, но оваа професија беше помеѓу првите кои беа погодени од ковид-19. Тој вели дека во првите три месеци од кризата, воопшто не работел па имал доволно време да се посвети на производство на пивото „Бак“ кое е 100 проценти природно.

Горан Бакревски, производител на пивото „Бак“

„Планови за развојот на семејната пиварница имавме и пред корона кризата, но работата ја убрзавме за време на ковид-19, бидејќи имавме доволно време. Брат ми е професор по музичко, но и тој беше дома. Во тој период активно работевме на вкусовите на пивата и подобрување на технологијата за производство. Луѓето не излегуваа, седеа дома, што беше одлична можност за тестирање на вкусовите на производите. Тогаш ја добивме поддршката од битолчани. Младите во тој период седеа на социјални мрежи каде што направивме индиректна реклама за производите,“ вели Бакревски.

Дарко Милевски е поранешен фудбалер и самата професија му налагала да внимава на исхраната. Живеел во Шведска, но се вратил во Битола каде што пред три години го отворил ресторанот „Центар“, за веганска и вегетаријанска храна. Целта, како што вели тој, била младите да се едуцираат во поглед на здравата храна но и да се вратат на старите корени, односно растителната храна да биде позастапена во начинот на исхрана.

Дарко Милевски, сопственик на 21/10 Fast&Healthy

„Кога фати корона кризата се појавија многу потешкотии и бевме затворени скоро пет месеци. Во 2020 година некако преживеавме, а во 2021 година беше важно да се продолжи. Изборот беше малку да се намалат ресурсите но да се продолжи со иста пареа. Затоа направивме ребрендинг затоа се создаде „21/10 Fast&Healthy“ што e take away за брза и здрава храна. Почнавме во мај, кога се уште постоеја рестрикции. Но ние и во такви рестрикции работевме бидејќи имавме само кујна,“ вели Милевски.

Тој додава дека корона кризата само им дала поттик да направат промена, бидејќи како што вели, сите сме тешки на промени и сме научени на конфорна зона, но ова малку ги забрзало работите. Милевски е задоволен од тоа како е прифатен од битолчани, а сака брендот да го шири и низ другите градови.

„Младите истражуваат со начинот на исхрана, и полека ги менуваат навиките,“ завршува Милевски.