fbpx

Министерството за финансии ќе го добие седумнаесеттиот министер по ред

Зоран Ставрески беше единствениот министер за финансии со најдолг мандат, кој му траеше речиси седум години

-

Од независноста на државата досега, со екипирање на новиот владин кабинет, во Министерството за финансии ќе седне седумнаесеттиот министер по ред. Со оваа институција раководеле двајца министри, етнички Албанци. Од сите досегашни министри најдолг мандат имаше Зоран Ставревски, а најкраток Зоран Заев, како привремен министер, пишува Порталб.мк.

Прв министер за финансии во првата експертска влада во независна Македонија беше Методија Тошевски, кој го раководеше овој ресор од март 1991 до почетокот на септември 1992 година. Претходно бил прв човек на Комерцијална Банка и на веќе пропаднатата Алмако Банка, а во 2000 година е назначен за главен државен ревизор.

Тошевски го наследи Џевдет Хајредини, кој дојде на оваа важна позиција од тогашната ПДП и остана до крајот на 1994 година. По професија е економист но работел и како новинар. Тој ги раководеше државните финансии во Владата предводена од Бранко Црвенковски.

На 20 декември 1994 година, во министерската фотеља седна Јане Миљовски, делегиран од редовите на СДСМ. Оваа функција ја извршуваше до крајот на февруари 1996 година. Тој, како министер без ресор, беше и дел од првата експертска влада на Никола Кљусев, кога ја доби задачата да го подготви концептот за приватизација на општествената сопственост. Миљоски во бизнис-економските кругови остана запаметен како „татко“ на приватизацијата и денационализацијата.

Од февруари 1996 година, до крајот на ноември 1998, на чело на „јавните финансии“ застана Таки Фити, актуелниот академик. Како и неговите претходници, така и професор Фити, поради политички промени, не успеа да го заврши четиригодишниот мандат во ресорот финансии.

Промената во власта, на чело на Министерството за финансии, го донесе и првиот министер од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Борис Стојменов кој ќе “истурка“ нешто повеќе од една година во овој ресор. Стојменов, економист и бизнисмен, беше министер во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Во периодот на неговиот мандат, со негов потпис, се случи продажбата на тогаш државната рафинерија „Окта“ на грчки Хеленик Петролеум. Оваа зделка предизвика бројни и бурни реакции во јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ остана да го раководи Министерството за финансии и во следните години. Од крајот на декември 1999 до почетокот на ноември 2002 година, на чело на овој ресор беше избран Никола Груевски. За време на неговиот мандат тој воведе ДДВ, фискалните сметки, а ја организираше и кампањата „Купувајте македонски производи“. Груевски ја активираше реформата за денационализација на националниот имот во периодот од 1945 до 1990. Во неговиот мандат започна и продажбата на некогашниот банкарски гигант „Македонска банка“ преку контроверзни трансакции, зад кои стоеја и познати имиња од тогашната владејачка структура. Банката повеќе не постои.

Новите поместувања по воената криза во земјава донесоа и политички промени. На почетокот на ноември 2002, на чело на Министерството за финансии застана Петар Гошев, како претставник на ЛДП во Влада предводена од Бранко Црвенковски. Мандатот на Гошев траеше една година, до 7 ноември 2003.

Наследник на Гошев стана Никола Поповски, номиниран од СДСМ во Влада предводена од Црвенковски, a подоцна и во Владата предводена од Бучковски. На чело на министерството остана до крајот на август 2006, со што тој е првиот министер од СДСМ со најдолг мандат од 2 години и 8 месеци. Важеше за министер кој „штеди“, но и кој ги издаде првите домашни хартии од вредност како и првата еврообврзница во вредност од 150 милиони евра.

Политичката промена во власта го донесе следниот министер за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На чело на овој ресор застана Трајко Славески. Мандатот му траеше до 8 јули 2009, кога беше разрешен по предлог на тогашниот премиер Никола Груевски. Славевски е вториот министер со најдолг мандат, по Ставрески. Славевски го раководеше министерството во период кога „пукна“ светската финансиска криза.

Наследник на Славевски, во јули 2009, станува Зоран Ставревски. Тој беше единствениот министер за финансии со најдолг мандат, од скоро седум години. Пред да стане министер во Владата предводена од Груевски, тој работел во Светска Банка. Ставревски поднесе оставка од министерската и вицепремиерската позиција во јуни 2016, кога со привремената Влада раководеше Емил Димитриев, поради како што наведе, здравствени причини.

Најкраток мандат како министер за финансии имаше Кирил Миновски, именуван во средината на јуни 2016 во рамки на привремената Влада предводена од Димитриев. Неговиот мандат траеше 351 ден.

По политичката промена во власта, во Министерството за финансии влегува СДСМ, со министерот Драган Тевдовски. Тој, како дел од Владата предводена од Заев, го раководи овој ресор до крајот на јуни 2019 година. Остана запаметен по обидот за укинување на рамниот и воведување на прогресивниот данок. Одби да даде оставка, и слично како и Славески, беше разрешен во Собранието.

Најкус министерски мандат имаше Зоран Заев кој на крајот од јуни 2019, освен премиерската, два месеци ја извршуваше и оваа позиција, до именувањето на Нина Ангеловска за нов министер за финансии во реконструираната влада. Таа беше и прва жена која ги раководеше „јавните финансии“. Нејзиниот мандат беше точно една година, до 31 август 2020 година.

На крајот на август 2020, овој ресор за прв пат премина во рацете на ДУИ. На челната позиција доаѓа Фатмир Бесими, кој долги години е функционер и во претходните влади, како вицепремиер за евроинтеграции, министер за одбрана и за економија. Бесими е еден од ретките кој завршува целосен 4 годишен министерски мандат.

Во новата Влада овој стратешки ресор е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, со најава дека на кормилото ќе застане жена.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.