fbpx

Метаморфозис ги презентираше резултатите за отвореноста на институциите во земјава и регионот

-

Фондацијата Метаморфозис, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, одржа презентација и дискусија на резултатите од Проценката на состојбата на добро владеење на извршната власт.

Настанот се одржа на 14 октомври на платформата Зум, и на него учествуваа бројни претставници од државните институциите, невладиниот сектор и академијата во земјава. Учесниците разменија мислења и ставови за отвореноста на македонските институции, но и предлози и идеи како таа да се подобри.

Ќендреса Сулејмани, програмски директор од Фондација Метаморфозис, ги претстави резултатите што покажуваат дека со исполнетост на 83,43 отсто од поставените критериуми за отвореност, Владата на Северна Македонија е најотворена во регионот, по која следи Советот на министри на БиХ со 74,9 отсто. На трето место е Владата на Црна Гора со 59,46 отсто, потоа Советот на ФБиХ со 58,42 отсто. Владата на Република Србија исполнува 47,67 отсто од критериумите, а Владата на автономната покраина Војводина 50,18 отсто. На последно место е Владата на Република Српска со 38,53 отсто исполнување на критериумите за отвореност.

Проценката е резултат на сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот. Регионалната перспектива служи како референца за тоа како напредуваат државите во регионот кон подобрување на доброто владеење и владеењето на правото што ги води кон нивната стратегиска цел – членство во ЕУ.

Гордана Гапиќ Димитровска, Државен советник во Министерство за информатичко општество и администрација, истакна дека кога се зборува за отвореност и транспарентност, не зборуваме само за институциите, туку и за партнерствата на институциите со невладините организации кои многу придонесуваат на оваа тема. Таа ја потенцираше заложбата на МИОА за проактивна транспарентност и даде краток осврт на петтиот акциски план за Отворено владино партнерство, како и дел од заложбите кои ги вклучува.

На настанот се зборуваше и колку се прегледни и информативни веб-страниците на македонските институции, во време кога дигитално достапните информации се од пресудно значење.

Веб-страницата на Генералниот секретаријат е позитивно оценета поради тоа што има централна политика за транспарентност и за објавување на рамката на закони и подзаконски акти што го дефинираат нејзиниот делокруг на работа. Од октомври 2017 година, политиката за транспарентност на Владата на Северна Македонија е предводена од „политиката за 21 документ“ која ги обврза сите институции на извршната власт да објават сет од „21 документ“ за нивната одговорност кон граѓаните.

Политиката „21 документ“ беше надмината со Стратегијата за транспарентност на Владата на Северна Македонија усвоена во ноември 2019 година, која исто така ја вклучува и проширува листата од 21 документ. Во рамките на дискусијата се покрена и темата за Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, која е воведена од Генералниот секретаријат за да се овозможи јавен надзор врз трошењето на јавните службеници и да се намали злоупотребата на државните средства и корупцијата.

Трудот е збогатен со практични препораки за тоа како извршната власт во Северна Македонија може да го подобри почитувањето на принципите на добро владеење во иднина. Препораките ќе бидат соопштени до високите државни службеници во сите набљудувани институции преку состаноци, како и до пошироката јавност преку социјалните медиуми и одржување на јавни настани.

Истражувањето се повторува на годишно ниво и ни овозможува да го споредиме степенот до кој ќе се постапува според овие препораки. Оваа проценка е достапна на македонски, албански и англиски јазик на веб-страницата на Метаморфозис и на веб страницата на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...