Меѓународната недела на Филозофскиот факултет: Онлајн предавања и дискусии со странски професори за пандемиите

Фото: Принтскрин од онлајн настанот

Со предавање на полскиот професор и филозоф, Михаил Козловски од Факултетот за филозофија и социологија во Варшава, Полска, денеска започна третата по ред Меѓународна недела на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која се одржи онлајн преку платформата Зум. Овогодинешната тема на настанот е „Истражување на пандемиите низ хуманистичките и општествените науки“, на која свое предавање и дискусија ќе имаат десет професори од универзитети од Канада, Израел, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Холандија, Полска и од Словачка.

„Морам да кажам дека е храбро да се зборува за хуманистичките и социолошките науки и пандемијата. Знам дека динамиката и нашите чувства доста се изменија од почетокот, па досега. Минатата година, многумина од колегите социолози, филозофи, антрополози, историчари, статистичари почнаа да работат на темата пандемија, па затоа наскоро и ќе има наплив со нови истражувања и проблематики со овој феномен“ изјави Козловски.

Тој го спомена и актот на несвесно отфрлање на пандемијата во секојдневнието поради измореноста. Па надоврзувајќи се на тоа, посочи личен пример од претходно излагање на панел дискусија во Англија, во која на завршниот дел од настанот со колегите панелисти забележале дека воопшто не зборувале за пандемијата, што го оцени како момент на несвесно отфрлање и „заборавање“ да се спомене таа појава.

„Како и да е, мора да зборуваме за пандемијата бидејќи ќе биде со нас уште некое време. Ќе се соочиме со последици кои сè уште ни се непознати, но тоа не значи дека не треба да зборуваме за нив, бидејќи тие ќе бидат посериозни и од самата болест“ нагласи професорот.

Во своето излагање Козловски зборуваше за левите и десните политички структури во општествата и како тие гледаат на ситуацијата со пандемијата. Ги спомена и побарувањата на човекот и генерално општествата за построги мерки во борбата со корона вирусот, но и целокупната борба со пандемијата и пандемиите воопшто во капитализмот. Козловски се осврна и на распределбата на вакцините, но и поставеноста на државите во светот, имајќи ги предвид нивните политички системи.

Професорот ја истакна и таканаречената „националната солидарност“ на општествата да воведат карантин и целосно да ги затворат државите, со цел да го заштитат постарото население, иако конкретно тоа не игра улога во репродуктивната моќ во една држава.

Овогодинешната Меѓународна недела ќе трае до 19 февруари со секојдневни предавања од 13 и 15 часот.

Темите на предавањата се поврзани со пандемиите, но нивниот фокус е насочен кон ретко коментирани аспекти или перспективи во јавниот дискурс. Дел од насловите на предавањата се: „Општествениот живот и пандемиите: белешки за био-општественоста на инфекцијата“; „Класичниот мит и неговото прифаќање како одговор на криза“, „Карактерното образование во време на пандемија“, „Психолошкиот контекст на прифаќање на конспиративни верувања за време на пандемијата“, „Одговорот на социјалната политика на Ковид-19“ и др. Оваа година предавачите се од дисциплините: филозофија, класични студии, историја на уметност и археологија, социологија, педагогија, психологија и социјална политика.

Меѓудругото, на настанот ќе биде промовиран и Еразмус-проектот „Развој на нов софтвер за психомоторна ре-едукација на деца со аутизам“ од страна на координаторот од универзитетот Чанаккале од Турција, проект во чија реализација како партнер учествува и Филозофскиот факултет.

Целата агенда за настанот може да се види на овој линк.