fbpx

„Меѓаши“: Директорите и наставниот кадар имаат одговорност пред учениците, а не пред партиите

-

Првата детска амбасада „Меѓаши“ денеска најостро го осуди притисокот што се врши врз средношколците кои протестираат.

„Најостро ги осудуваме затворањата врати (кога учениците се внатре и/или кога учениците се надвор); однапред предодредените неоправдани изостаноци додека учениците се во училиштата; родителските состаноци проследени со „информации“ кои казни следуваат за вакви ситуации; заканите со 2.000 евра казни; уцените со неодење на екскурзии; заканите за намалување оцени; сликањето ученици кои бојкотираат и праќањето на фотографиите до нивните родители со закани дека ќе летаат од работа, како и други форми на притисок и на насилство кои се кршење на низа права на децата“, стои во соопштението.

Од „Меѓаши“ наведуваат дека треба да бидеме свесни дека реакциите на младите се резултат на општествениот контекст во кој живееме.

„Ваквата демонстрација и злоупотреба на моќ иритира, е неприфатлива и не смее да помине. Време за разговор и за сослушување на средношколците мора да се најде. Со ваквото дрско игнорирање (како форма на пасивна агресија) на ненасилните начини на отпор (како што се протест и бојкот) се ризикува да се прати порака до младите дека овој начин на дејствување е залуден; дека беспоговорната покорност кон возрасните е вредност која треба да се негува; и дека послушноста е во ред“, велат од „Меѓаши“.

Детската амбасада, во реакцијата, истакнува дека директорите, стручните служби и целокупниот наставен кадар не треба да заборават дека нивната одговорност е првенствено пред учениците, а не пред политичките партии.

„Ги поддржуваме и охрабруваме сите чинители кои имаат слух за потребите на младите и кои се свесни дека како професионалци се одговорни да придонесуваат кон креирање простори и овозможувачка средина за развивање автономни и општествено одговорни личности, кои нема да се плашат да го искажат своето мислење и став. Нивното вложување и заложби за поквалитетено образование не се само моментни, тие се долготрајни и се однесуваат на цели генерации“, стои во реакцијата.

Од организацијата потсетуваат дека во септември минатата година Собранието по скратена постапка ги донесе измените на законите за основно и за средно образование, во согласност со кои за време на штрајк, основните и средните училишта мора да обезбедат нови наставници.

„Да беше можно, можеби некој ќе се дрзнеше сега да побара и обезбедување заменски ученици! За среќа тие се едни, единствени и неповторливи, а кога ќе го кренат гласот тогаш нема замена! Тие немаат синдикат, но имаат родители, старатели, наставници, организации, институции, нè имаат нас, возрасните, кои се колнеме дека децата се нашето најголемо богатство и нашата иднина. Партизацијата резултираше со катастрофални кадровски состојби во образовниот систем, со политички зависни и недоволно обучени кадри“, се наведува во соопштението.

Детската амбасада истовремено побара да се спречи влијанието на политиката засновано на теснопартиски и на лични интереси на штета на образованието.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...