МЕД го промовираше видеото посветено на уникатните острови во Преспанско езеро

Фото: Архива на Мета.мк

Македонското еколошко друштво (МЕД) го промовираше видеото „Голем Град – последното скривалиште на природата“, во кое се содржани долгогодишните еколошки истражувања на преспанскиот остров Голем Град. Се работи за истражувања кои во изминатите 15 години ги направил меѓународен тим на херпетолози на популациите на шумската желка, поскокот и рибарката.

„Голем Град – последното скривалиште на природата“ е кратко видео што го подготви Македoнското еколошко друштво и го презентира и проширувањето на истражувањата кон островот Мал Град во Албанија, благодарение на проектот за зачувување на прекугранична Преспа на мрежата ПреспаНет, „Преспа Проект”, финансиран од фондациите Преспа-Охрид (PONT) и Ааге В. Јенсен, и поддржан од ЕуроНатур“, информираат од МЕД.

Според Драган Арсовски, проектен координатор од МЕД и долгогодишен истражувач на влекачите на Голем Град, снимениот материјал треба да им покаже на нашите млади истражувачи дека вакви комплексни научни истражувања се спроведуваат и кај нас и да ги мотивира да се насочат кон занимања кои ќе го истражуваат и заштитуваат биодиверзитетот.

„По континуиран мониторинг од скоро две децении, свесни сме дека овие острови се дом за репрезентативни, но и уникатни животински популации кои може да се индикатори за здравјето на целиот преспански басен“, изјави Арсовски.

Според Фросина Пандурска-Драмиќанин, автор на видеото, теренските посети на овие уникатни места, сведочењето на посветеноста на истражувачкиот тим и генерално почитта кон природата што ја почувствувавме сите, наметнува голема одговорност да се создаде видео кое ќе пренесе барем дел од убавината што ја носат овие острови.

Режисер и монтажер на видеото е Џорџ Стамкоски, Тони Стојановски е одговорен за визуелниот дел на проектот, а за музиката се погрижи мултимедијалниот уметник Дејан Спасовиќ.