Извор на фотографија: Веб страна на Владата на Република Србија, srbija.gov.rs

Досегашната премиерка и мандатарка на новата српска влада Ана Брнабиќ денеска ги објави имињата на министрите во новата српска влада. Собранието на Република Србија на 28 октомври (среда) ќе го избере новиот состав на српската влада, во кој ќе има шест нови имиња и три нови министерства, јавува српскиот весник „Данас“.

Најголемо изненадување во распределбата на министерствата е менувањето на раководните позиции во Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана. За иден министер за внатрешни работи е предложен Александар Вулин, досегашен министер за одбрана. Неговото место во Министерството за одбрана ќе го заземе Небојша Стефановиќ, кој досега се наоѓаше на челото на српското МВР.

Меѓу новите имиња во српската влада, внимание предизвика и предлогот Гордана Чомиќ да биде министер во новото Министерство за човекови и малцински права и социјален дијалог. Станува збор за една од долгогодишните раководни лица во опозициската Демократска партија, која во претходниот парламентарен состав беше и пратеник на оваа партија, како и генерален секретар на оваа водечка опозициска партија и член на нивното Претседателство. Таа како пратеник го прекина опозицискиот бојкот на српскиот парламент, по што пролетва беше исклучена од членството во партијата.

Нови имиња во српската влада се досегашниот претседател на српското собрание Маја Гојковиќ, која ќе биде идна министерката за култура. За министерка за правда е предложена Маја Поповиќ, додека за министерка за животна средина Ирена Вујовиќ. Дарија Кисиќ Тепавчевиќ е предвидено да постане министерка за труд, вработување, ветерани и социјални прашања. Идната српска влада ќе добие нови членови и во Министерството за стопанство – Анѓелка Атанацковиќ, Министерството за градежништво и сообраќај – Томислав Момировиќ, Министерството за трговија и туризам – Татјан Матиќ и Министерството за државна управа – Марија Обрадовиќ.

Инаку, последните парламентарни избори во Србија беа бојкотирани од најголемиот дел од опозициските партии, кои го обвинија претседателот Александар Вучиќ и неговата владејачка партија за непостоење на услови за одржување на фер и демократски избори. Од вкупно 250 пратеници, владејачката коалиција „Александар Вучиќ – за нашите деца“ има мнозинство од 188 пратеници. Во идната српска влада ќе влезе и Социјалистичката партија на Србија, а поддршка на владиниот состав ќе даде и партијата СПАС на актуелниот градоначалник на Нов Белград, Александар Шапиќ.