Минатата година од македонската кинематографија, режија и продукција произлегоа бројни филмски остварувања што претставува плоден период за домашното филмско платно. Некои од филмовите што се снимија за време на пандемија, со екипи соочени со предзвици и отежнети услови, забележија историски моменти на успех на светско ниво.
Бевме сведоци на светски премиери и воздивнувавме од професионално направени трејлери уште пред да ги погледнеме филмовите, а можевме да просведочиме и значајни признанија и награди. Во продолжение правиме краток ретроспективен приказ за македонските филмови снимени во 2021 година.
Филмот „Сестри“ (Sisterhood) во режија на македонската режисерка Дина Дума во 2021 година стана првиот македонски филм прикажуван на светски познатата платформа за филмови и тв серии, „Нетфликс“. Сниман низ урбани локации во Скопје со камерата на кинематограферот Наум Доксевски филмот ја раскажува приказната за две девојки во нивните средношколски денови кога на површина испливуваат љубовта, збунетоста, непромисленоста и љубомората. Сеприсутно е и денешното влијание и важноста на интернетот за младите што предизвикува промени и остава неизбришливи траги во нивниот засекогаш променет живот.
Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Во продукција на „Лист продукција“, „Сестри“ својата светска премера ја имаше во август на меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари, воедно најпрестижниот фестивал во централна и источна Европа, каде ја филмот освои Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот.
Македонската премиера го отвори овогодинешното 42-то издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. „Сестри“ е деби филмско достигнување во категоријата долгометражни филмови за Дума, која се јавува и како ко-сценарист заедно со Мартин Иванов. Друштвото на филмските работници на Македонија го избра за македонски кандидат за Оскар 2022 во категоријата најдобар меѓународен филм што ќе се одржи на 27 март 2022 година.
Македонскиот режисер Кристијан Ристески во 2021 година го сними својот прв деби долгометражен филм, социјалната драма „Снежана на крајот умира“. Светската премиера на филмот ќе биде на фестивалот „Сламденс“ што ќе се одржува кон крајот на месец јануари идната година во САД. Американскиот фестивал со седиште во Парк Сити, Утах е фестивал за дебитантски филмови со буџет до милион долари што изнудува шанси за квалификување за Академската награда – Оскар.
Според сценариото на Ристески, филмот претставува јазол од три испреплетени приказни за три групи луѓе каде главните улоги ги толкуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски. „Снежана на крајот умира“ е во македонско-кипарска копродукција меѓу продукциските куќи „Вертиго Висуал“ од Македонија и „Карета Филмс“, Кипар, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Продуцент е Дарко Попов, а кинематографијата е на Димо Попов и Севдије Кастрати.
Горан Столевски со својот деби долгометражен филм „Нема да бидеш сама“ (You won’t be alone) влезе во официјалната селекција на најголемиот независен фестивал во филмската индустрија, „Санденс филм фестивал“ за 2022 година. Ова е втора номинација на Санденс за Столевски, кој првата ја доби за краткиот македонски филм „Види ја ти неа“ (Would you look at her) во 2018 година, кога филмот беше избран за победник во категоријата најдобар краток интернационален филм.
Горан веќе две децении живее во Австралија, каде има завршено студии и за филм и телевизија. Тој во 2021 година беше избран меѓу 10-те режисери кои не треба да се пропуштат во 2022 година за неговото најново филмско остварување од страна на светски реномираното списание за филм „Вараети“ (Variety). „Нема да бидеш сама“ е хорор игран филм со натприродна содржина испишана и режирана од Столевски, во продукција на американската продукциска компанија Focus Features. Како продуцентка се јавува Кристина Сејтон, а кинематографер е Метју Чанг. Премиерата на филмот ќе биде во јануари за време на одржувањето на филмскиот фестивал Санденс, а официјалната премиера во кината ќе започне на 1-ви април 2022 година.
Македонската режисерка Тамара Котевска, која го ко-режираше филмот „Медена земја“ заедно со Љубо Стефанов, оваа година го претстави својот нов филм „Соло мод“ (Solo mode). Ова е краткометражен филм на талентираната режисерка што е инспириран од ситуацијата со пандемијата предизвикана од ковид-19 и зборува за загрижениот татко и сопруг кој се обидува да креира семејна друштвена игра со цел да ги зацврсти семејните односи, но наместо тоа ги заклучува членовите на семејството во посебни соби и креира игра само за еден.
Својата светска премиера филмот ја доживеа на филмскиот фестивал во Сараево во август, каде беше влезен во официјалната селекција на кратки филмови. „Соло мод“ е во продуциран од страна на Тамара Котевска и Илија Тирицовски, а како извршни продуценти се Пеце Талески, ОХО Продукција за Македонија и на Хашми, The Corner Shop за САД, ко-продуцент на филмот е Зејнеп Атакан, Zeyno Film од Турција.
2021 беше и година на успеси за филмот „Северен пол“ (North Pole), што истовремено е трето краткометражно филмско достигнување на Марија Апчевска – Петровска. Во режија и сценарио на Апчевска и кинематографска координација на Владимир Самоиловски, филмот ја пресликува студената атмосфера во која контрасно се случуваат страсни интензивни превирања на женскиот и машкиот идентитет во раната фаза на адолесценцијата толкувана од Антонија Белазелкоска и Лука Митев во главните улоги.
Својата светска премиера ја имаше на Канскиот филмски фестивал од А-категорија каде како прв македонски филм во историјата се квалификуваше во десетте номинирани филмови за добивање на наградата „Златна палма“. Во Македонија, премиерно беше прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“ што се одржа на почетокот од септември оваа година.
„Северен пол“, во продукција на „Кино око“ и ко-продукција на српската продукциска куќа „Сервиа филм“ беше прикажан на филмски фестивали во Србија, Сараево во Босна, Конкорто во Италија, Батуми и Сванети во Грузија, Тирана во Албанија, Рејкјавик во Исланд, Монпелје во Франција, Солун во Грција, Стокхолм во Шведска и повторно на фестивал од А-категорија, „ Black Nights Film Festival“ во Талин, Естонија.
Добитник е на „Златната количка“ како резултат на најдобар интернационален краткометражен филм на фестивалот во Загреб, Хрватска. Неодамна ја доби и првата филмска награда на 63-то издание на филсмкиот фестивал „Зинеби“ во Билбао, а кон крајот на 2021 се закити и со наградата „Санта Луција“ на колумбискиот фестивал за кратки филмови „Богота“, каде претходно беше номиниран за најдобар меѓународен краток филм.
„Улиште“ (Hive) е долгометражен игран филм на косовската режисерка Блерта Башоли снимен и премиерно прикажан во 2021 година. Тој е во копродукција меѓу Косово, Македонија („Црна мачка“), Швајцарија и Албанија. Преку филмот, сценаристката и режисерка Башоли нѐ запознава со жена од Косово, чиј сопруг исчезнал во косовската војна и која се бори против патријархалното општество за да ја одржи својата фирма. „Улиште“ е добитник – победник во три категрии на Санденс 2021, а за најдобар филм беше избран на фестивалите во Варшава, Приштина, Хамбург, Скопје, Монтпелје и други.
Ѓорче Ставрески е уште еден режисер, сценарист и продуцент од Македонија кој во 2021 го снимаше својот нов краток филм „Дали си маж“ (Are you a man). Веста за филмот што ќе биде премиерно прикажуван во 2022 пристигна во почетокот на декември минатата година. Филмот е во продукција на Минимал Колектив. Ставрески е креатор и на филмот „Исцелител“ (Secret Ingredient, 2017) што беше номиниран и добитник на неколку награди на престижни фестивали ширум светот стекнувајќи светска спознаеност.
Во декември 2021 година започна снимањето на краткиот филм „Сценариото“ на сценаристката и режисерка, Александра Кардалевска. Филмот чија премиера веројатно ќе биде оваа година е фантастична приказна за неколку познати ликови од литературата, кои излегле од своите оригинални дела за да се во „Сценариото“, обидувајќи се да излезат од него. Главните улоги ги толкуваат Драгана Костадиновска, Огнен Дранговски, Атанас Атанасовски, Игор Ангелов, Симеон Дамевски и Ана Стојановска, а продукцијата е на „Лајт продакшн“, во соработка со „Круг филм“ од Скопје, „Алка филмс“ и „Кубе студиос“ од Албанија и „Иконе студио“ од Косово.