Македонскиот игран филм „Снежана на крајот умира“ по сценарио и во режија на Кристијан Ристески ќе има премиера на фестивалот „Сламденс“ (Slamdance) кој ќе се одржи од 20 до 30 јануари во Парк Сити, Јута во Соединетите Американски Држави.
Оваа година престижниот фестивал ќе се одржува на два начина, со физичко
присуство и онлајн.
„’Снежана на крајот умира’ е деби филм на режисерот и сценарист Кристијан Ристески. Филмот е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд, која се занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Составен е од 3 испреплетени приказни за 3 групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг“, пишува во описот.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.
Новиот игран филм на Ристески е во македонско-кипарска копродукција меѓу продукциските куќи „Вертиго Висуал“ од С. Македонија и „Карета Филмс“, Кипар, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и кипарскиот филмски фонд. Продуцент е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, а монтажер е Горан Вуќиќ.
„Сламденс“ е фестивал на дебитантски филмови со буџет до милион долари, чие мото е „од филмаџии за филмаџии“. Оваа година селекцијата на филмовите е извршена од преку 8100 пријавени филмови. На овој фестивал своите светски премиери ги имале режисерските дебија на Кристофер Нолан (познат по „Tenet”, „Dunkirk“, „Inception“), Бонг Џун Хо (познат по „Parasite“, „Okja“, „Memoirs of a Murder“), Шон Бејкер (познат по „Red Rocket“, „The Florida Project“, „Tangerine“).
„Снежана на крајот умира“ во 2020 година беше во програмата „Work in Progress“ во рамките на индустриската секција на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари. Во оваа програма се избираат филмови кои не се целосно завршени, но кои имаат потенцијал и уметнички вредности со цел да станат повидливи и добијат шанса да се пробијат до големите фестивали. Понатаму филмот беше успешно презентиран на „Cinelink“ во склоп на Филмскиот фестивал во Сараево и на „Balkan Film Market“ во Тирана.