Златна „Камера 300“ на „Браќа Манаки“ за Рубен Импенс за филмот „Осум планини“

фото: Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

Со проекција на филмот „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, синоќа беше затворено 43 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Изминатите осум денови, фестивалот го славеше филмот и големите кинематографери, а градот Битола беше еден од најважните фестивалски центри во Европа.

Годинешното издание на фестивалот донесе своја реалност и покажа дека секогаш кога реалноста не е доволна, филмската уметност е тука за да понуди своја реалност и уште еднаш да нѐ однесе во филмскиот бескрај, запловувајќи по океанот на движечките сили, велат од „Браќа Манаки“.

„Нам реалноста не ни е доволна и затоа оваа година се обидовме да создадеме настан каков што заслужуваат Битола и Македонија. Имавме одлични филмови, фантастични жирија, имавме исклучителни добитници на специјалната награда Златна камера 300 за животно дело и за особен придонес во филмската уметност, но она што не го знаевме е колкумина од вас ќе дојдат во оваа сала да уживаат во филмовите, како ќе се чувствуваат гостите и домаќините“, рече Мони Дамевски, директор на „Браќа Манаки“ при прогласувањето на фестивалот за затворен.

Од организацијата на фестивалот додаваат дека „Браќа Манаки“ секоја година ги вреднува најдобрите кинематографери, а важен сегмент е и студентската програма, односно негувањето на филмската иднина. Од оваа година студентската програма е со натпреварувачки карактер со селекција на филмови од најдобрите европски филмски академии.

Наградата за најдобар студентски филм беше доделена на филмот „Вдовица и сираче“ во режија на Никлас Форман, кој доаѓа од филмската академија во Австрија. Одлуката за оваа награда ја донело жири во состав Митко Панов, Фејми Даут и Благоја Куновски – Доре.

“Генијално снимен филм, кој на уникатен начин ја раскажува филмската приказна со поетски визуелен израз. Раскажан со стил, филмот се развива низ повеќеслоен наратив како визуелен тек на свеста, на ослободувачки експериментален начин“, стои во одлуката на жирито.

Наградата железна „Камера 300“, која се доделува за документарен филм,  беше доделена на филмот „Мара“ на Саша Кулак, кој како предлошка поставува естетички и концептуално смела перспектива на политички турбулентните времиња низ кои поминуваме. Жирито на документарната програма одлучи да даде и посебно признание на формално храбар и силно политички определен филм, кој ги надминува жанровските граници, вешто играјќи си со инструментите на фикцијата и истажувајќи нови феминистички наративи. Посебното признание му беше доделено на филмот „Гори сува земја“ на Џоана Пимента.

Мала “Камера 300“ за краткометражен филм му беше доделена на Шади Чабан за филмот „Варша“. Бронзена “Камера 300“ беше доделена на Хидетоши Шиномија за филмот „Вози ја мојата кола“, додека добитник на сребрена “Камера 300“ е Дариа Д’Антонио за филмот „Божјата рака“.

Златна „Камера 300“ се додели на Рубен Импенс за филмот „Осум планини“, за компонирањето на моќна и трогателна приказна што го одзема здивот, во која воодушевувачки се испреплетуваат планинските пејзажи и човечката осаменост во хармонија со природата, мајсторски снимени во тешки услови што ја стаписуваат публиката, соопшти претседателот на жирито Жан Мари Дружу.

Дел од затворањето на фестивалот во Битола беше и Џон Метисон, директор на фотографија кој е добитник на наградата Бафта на британското друштво за кинематографија и има две номинации за Оскар. Неговата филмографија ги вклучува „Гладијатор“, „Фантомот од операта“, „Кралот Артур“, „Робин Худ“, „Ханибал“, „Скајфол“ и други филмови. Нему синоќа министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска му ја врачи наградата златна „Камера 300“ за особен придонес во филмската уметност.