fbpx

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Едни од најчестите индикатори на климатските промени се надминувањата на екстремните температурни вредности, а УХМР прогнозира дека трендот на зголемување на температурата сигурно ќе продолжи. Концентрациите на стакленичките гасови денеска се највисоки во историјата

-

Пеколни горештини и суша нè чекаат и ова лето, а климатските промени го наплатуваат данокот на невнимателност на човекот, како најодговорен за емисиите на стакленички гасови. Иако само што календарски започна, летото веќе го чувствуваме во полн замав, а заради високите температури во земјава веќе е прогласена и портокалова фаза на опасност. Жештините ќе се задржат и во следните денови, заради што Институтот за јавно здравје веќе излезе со препораки како граѓаните да си го заштитат здравјето.

Температурите и овој јуни се повисоки од многугодишниот просек на средни температури. Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) овој месец е потопол од тие во 2023 и 2022 година, но со нешто пониски температури од јуни 2021 година. Во Скопје највисоката измерена температура во изминатите 19 денови била 38 Целзиусови степени, во Штип 37,8, во Демир Капија, 39,1, а во Битола 36,4 степени.

Извор: УХМР

Според истражувањата на Секторот за метеорологија при УХМР во последните 20 години средните температури се континуирано повисоки од многугодишниот просек, а најекстремните температури во јуни биле измерени во 2007 година, кога во Демир Капија имало 43,1 Целзиусов степен, во Гевгелија 42,6, а во Скопје 41,4 Целзиусови степени. Последното истражување за Скопската котлина покажува дека од последните десет години, само 2011 не се вбројува во дваесесетте најтопли години за периодот од 1951 до 2020 година.

Од УХМР велат дека земјава се соочува со повеќе директни климатски влијанија од север на континенталната клима, од југ медитеранската, а во високите планински региони има планинско климатско влијание, што е причината за различните климатски карактеристики кои се сретнуваат кај нас.

Според сезонската прогноза на УХМР, летово ќе биде пеколно. На целата територија на земјава постои многу голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности, кое може да достигне и до три Целзиусови степени речиси во секој дел од земјата.

Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во јули. Во овој месец, кај нас, но и во целиот југоисточен регион на Европа се очекуваат врнежи под просекот, освен на планинските делови каде постои голема веројатност дека ќе има појави на обилни врнежи.

„Во престојната летна сезона постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори. Повремено може да доминираат субсезонски варијации, кои не се предвидливи долго време однапред“, велат од УХМР.

Фото: Мета.мк

Едни од најчестите индикатори на климатските промени се надминувањата на екстремните температурни вредности, а УХМР прогнозира дека трендот на зголемување на температурата сигурно ќе продолжи, со оглед на тоа дека концентрациите на стакленичките гасови денеска се поголеми од било кога. Тие се главната причина за зголемувањето на температурата на глобално ниво, што пак допринесува за топење на глечерите и пораст на нивото на светското море најмалку 20, но можно е и до 60 сантиметри. Сето ова има неизбежно влијание на разновидните екосистеми, расположливоста на водните ресурси, производството на храна, здравјето на луѓето.

„Во регионот на Европа, климатските промени ќе ги зголемат постоечките регионални разлики во делот на природните ресурси како расположливост на вода, разнообразност на живиот и растителен свет. Ќе има и зголемен ризик од поплави и ерозија. Планинските предели ќе се соочат со повлекување на глечерите, намалена снежна покривка и исчезнување на одредени видови. Во јужна Европа, зголемените температури и сушата уште повеќе ќе ескалираат што ќе се одрази врз расположливоста со вода, хидропотенцијалот, летниот туризам и производството на храна. Се очекува дека климатските промени ќе го зголемат ризикот од топлотни бранови, како и зачестени шумски пожари“, вели Александра Стевков, раководител на Одделението за климатологија и климатски промени во УХМР.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Филков во Идризово по вчерашниот инцидент: Состојбата во затворите е алармантна

Состојбата во затворите е алармантна. Ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има. Вака коментира новиот министер за правда Игор Филков, по денешната посета во...