Лажни паралели за украинскиот упад во Русија и неосновани обвинувања за НАТО

Објавата го премолчува фактот дека тој упад е одговор на руската агресија врз Украина, која започна во 2014 година и која прерасна во сеопфатна во 2022 година

-

Без никаков доказ, објава на социјалната мрежа Threads го обвинува НАТО за агресија врз Курската Област на Русија и го споредува со Наполеон и Хитлер, а таму всушност упадна војската на Украина, која не е член на НАТО. Објавата го премолчува фактот дека тој упад е одговор на руската агресија врз Украина, која започна во 2014 г. и која прерасна во сеопфатна во 2022 г., пишува Вистиномер.

 

Објава на социјалната мрежа Threads вели:

Јас не знам што се мачат во Курск , кога историјата се повторува, и Курск ќе биде победа за Русија💪🇷🇺…Лекцијата од Втората Светска Војна не им е научена..Наполеон згреши, Хитлер згреши сега и Нато греши.Слава Rоссиа💪🇷🇺

Заедно со тој текст, во објавата е вметната и слика, со која се одбележува 81 година од Курската битка меѓу нацистичкиот агресор и советската армија, која тогаш ја однела победата.

На сликата се прави паралела меѓу советската и современата руска армија, а во објавата – меѓу Наполеон, Хитлер и НАТО, кому му се порачува дека залудно ја напаѓа Русија, затоа што ќе доживее пораз, исто како и Наполеон во 1812 г. или како нацистите во Курската битка во 1943 г.

Но, како прво, НАТО не изврши агресија врз Русија, туку Русија изврши агресија врз Украина, која започна на Крим во 2014 г. и која прерасна во сеопфатна на 24.2.2022 г. Како одговор на тоа, на 6.8.2024 г. украинските сили упаднаа во Курската Област на Русија.

Русија не е жртва на агресија на НАТО, туку е агресор. Операцијата на украинската војска на руска теритоија, во Курската Област е во контекст на одбраната на земјата. Украина нема никаква намера долгорочно да останува на руска територија или, пак, да го анектира вој дел од Русија.

Целите на воената операција на украинската војска се објаснуваат во контекст на креирање „бафер зона“ за да се спречат или барем отежнат воздушните и диверзантските напади на Русија врз областа Суми во Украина, која е од другата страна на границата, контранапад како резултат на поволните околности зашто во тој дел границата меѓу двете земји беше многу слабо бранета, потоа, зголемување на „фондот за размена“, односно бројот на руски воени заробеници, кои потоа би можеле да се разменат за заробените украински припадници на оружените сили, како и стремеж за одвлекување на дел од руските воени сили од украинските боишта и нивно преместување во Курск.

Со ова јасно се покажува дека целите на операцијата се во контекст на одбрана на Украина од руската агресија и влечење било какви паралели меѓу денешната состојба со онаа од времињата на Наполеон и Втората светска војна се неточни.

Ова не е ни првпат војната да се пренесе и на руска територија. Тоа се случуваше и лани и тоа често. Украинците во 2023 г. ја пренесоа војната во Русија, гаѓајќи бази, аеродроми и рафинерии, особено во Белгород, но и во Москва. На 3.5.2023 г. мета на дрон беше и Кремљ.

Токму заради ваквите, но и други акции, Западот води претпазлива политика кон Русија и избегнува да ја провоцира, па дури ѝ наложува на Украина низа ограничувања околу оружјето кое ѝ го дава, па зарем тој претпазлив Запад би упаднал на тлото на една нуклеарна сила? За тоа нема ни доказ, ни логика.

Во реалноста, Западот беше изненаден од тој украински упад, а САД изјавија дека не биле известени за тој план. Во Курската област нема заробени американски или други војници на НАТО и нема американско-руски битки, а ако ги има, Русија тоа треба да го изложи пред ООН, да му објави војна на НАТО и да ги прекине дипломатските односи со членките на пактот, но Русија тоа не го прави.

А, ако НАТО баш мора да упаѓа во Русија, тоа не мора да го прави од Украина, туку може од: Норвешка, Финска, Естонија, Латвија или Литванија.

Објавата порачува дека НАТО не извлекол историски поуки од неуспешните походи на Наполеон и Хитлер, но изреченото може да се употреби и за Русија, затоа што и таа си има историски грешки и порази, но не извлекува поуки од тоа.

Така, на пример, царска Русија го злоупотребила сојузничкиот Перејаславски договор со украинските козаци од 1654 г. за да ја подјарми Украина, но во 1917 г. Руската Империја се распаднала, а Украинците се осамостоиле како Украинска Народна Република.

Нив тогаш ги нападнала Советска Русија на Владимир Ленин, кој насила ја создал Советска Украина и ја вклучил во СССР. Арно ама, во 1991 г. СССР се распаднал, а Украина повторно се осамостоила. Сите тие империи се распаѓале, а Украина се ослободувала од нив, па од тоа треба да се извлече поука.

Почнувајќи од 2014 г. агресија врз Украина врши современата Руска Федерација, при што доживеа разни порази, па дури и упад на нејзина територија и нејзино запоседнување од страна на странска војска за првпат по 1941 г. Евидентно, Русија не извлекла поуки од своите историски грешки, па ги повторува, со што сноси тешки последици.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

Лажни паралели за украинскиот упад во Русија и неосновани обвинувања за НАТО

Без никаков доказ, објава на социјалната мрежа Threads го обвинува НАТО за агресија врз Курската Област на Русија и го споредува со Наполеон и Хитлер, а таму всушност упадна војската...