40 млади ќе решаваат реални проблеми на компании користејќи вештачка интелигенција

Учесниците низ работилници ќе се обучуваат да интегрираат вештачка интелигенција во секојдневната работа, што ќе се постигне преку практичен и директен пристап

Вчера започна 14. меѓународна школа „AI IN ACTION: Students Camp; Companies Co-creating the Future“ на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје која од 24. до 27. септември обединува 40 студенти и повеќе од 10 компании.

Во овој период младите, поддржани од професори и експерти, работат на решенија на реални проблеми со кои се соочуваат компаниите користејќи вештачка интелигенција. Настанот се организира од страна на Економскиот факултет – Скопје, во соработка со Активноста на УСАИД Северна Македонија за млади кои создаваат можности.

„Важно е да се користи вештачката интелигенција затоа што во новиот систем на конкурентност лицата што користат вештачка интелигенција ќе бидат подобри од оние кои не користат. Меѓутоа, исто така е важно да стекнеме знаење од областа во којашто работиме, да научиме за моделите и практиките кои се користат и преку интеракција со вештачката интелигенција да станеме и ние подобри и да креираме решенија кои ќе можеме да ги користиме во нашето учење, работење, во приватниот и професионалниот живот”, изјави проф. д-р Мијалче Санта од Економски факултет-
Скопје.

Учесниците низ работилници ќе се обучуваат да интегрираат вештачка интелигенција во секојдневната работа, што ќе се постигне преку практичен и директен пристап.