fbpx

Краткиот пат на една лажна вест – долг пат на еден општествен хаос

Никој не рече дека подолгиот пат до една точна вест е лесен. Но, тоа ги разликува новинарите и медиумите од она што е објавено на социјалните мрежи. Пред да се кликне „објави“, да одвоиме 2-3 секунди и да се прашаме, „што ќе постигнам со ова, повредувам ли некој и има ли некаков јавен интерес“? Овие прашања можат да нè спасат од многу отровни и неточни информации со кои редовно се соочуваме

-

Publish („објави“) е копчето кое е најлесно да се притисне. Да се притисне е лесно, но дали се исто така лесни и последиците што тоа може да ги донесе? Доволни се пет зборови кои ќе ја привлечат публиката и текст од десетина реда кои ќе ја шокираат јавноста или ќе предизвикаат наплив од чувства, без разлика дали се позитивни или негативни, за продуктот во неколку минути да се рашири во речиси секој дом, на сечиј профил на социјалните мрежи. За медиумот, тоа е како да добил лото, кликовите се множат еднаквопропорционално со можноста за добивање реклами. За читателите, пак, прогнозите и не се најоптимистични.

За сето ова да биде уште попоразително, повеќе истражувања покажуваат дека на граѓаните најчест извор на информации им се социјалните мрежи, а околу 70 проценти го читаат само насловот и евентуално, првата реченица од текстот. Едноставно, како во човековата природа да е врз основа на насловот, во својот мозок самите да ја градат понатаму целата приказна, без да ја прочитаат докрај. Уште попоразително е што во ова многу „помагаат“ и медиумите, со сензационализми и многу често, неточни наслови. Тогаш замислете каков хаос настанува во главите на читателите, соочени со различни наслови на иста тема.

„Неофицијално – исчезнатата Вања е пронајдена“ и „Вања сè уште не е пронајдена“ беа двата наслова кои вчера доминираа на агрегаторите на вести. Два сосема спротивни наслова за еден крајно сензитивен настан – девојче кое тргна на училиште, а по патот му се изгуби трагата.

За да биде ситуацијата уште потрагична, сето ова се разгоре по само еден коментар на социјалната мрежа Фејсбук, во кој профил со име „Џамија во Подујево“ напиша дека девојчето се наоѓа во нивната џамија во близина на Приштина и дека е здраво и живо.

Што направи еден непрофесионален медиум? Врз основа на еден коментар, објави текст со наслов дека девојчето е пронајдено. Текстот го презедоа уште десетина медиуми и информацијата се рашири со брзина на светлината.

Што направија професионалните медиуми? Се јавија во сите џамии во Подујево и разговараа со оџите. Сите рекоа дека кај нив нема девојче и дека првпат слушаат за такво нешто. Преку користење алатки за пребарување на фотографии, ја проверија профилната фотографија на човекот кој напиша коментар дека девојчето е пронајдено. Алатката покажала дека станува збор за украдена фотографија од туѓ профил, на имам од Албанија кој уште пред неколку недели пријавил дека неговата фотографија на Фејсбук е злоупотребена. Веста не се објави, бидејќи вест немаше – девојчето сè уште не беше пронајдено.

Кликањето „објави“ во првиот случај беше брзо. Кликање „објави“ во вториот случај немаше. Но, што е повредно? Да се добие читаност врз основа на лажна вест и да се доведе целата јавност, а особено семејството на исчезнатото девојче во комплетна заблуда или пак случајот да се провери од што е можно повеќе извори.

Не случајно членот 1 од Кодексот на новинарите е прв, оти врз него паѓа сиот товар со кој треба да се носат новинарите – „проверката на податоците и точноста се морални императиви на новинарството, затоа новинарот е должен да ја провери информацијата од што е можно повеќе извори, а најмалку ДВА меѓусебно неповрзани извора“.

Понатаму, член 7: Новинарот не смее заради атрактивноста на текстот/прилогот да поттикнува неосновани стравови или надежи кај соговорниците или да манипулира со нивните емоции. Новинарот е должен да ја почитува личната болка и жалост. Кога известуваат за настани кои предизвикале лични трагедии, болка и шок – новинарите, фоторепортерите и снимателите треба да покажат сочувство, дискреција и обѕир.

Случајот со исчезнатото девојче, 14-годишната Вања покажа две тенденции. Прво, дека социјалните мрежи, наместо индиција за пишување стории, стануваат единствени извори за стории. Втората тенденција се лажните вести и дезинформации кои како поплава го потопуваат медиумскиот простор.  

И покрај тоа што невистинитиот текст подоцна беше изменет, хаосот веќе беше настанат. Кога се појавува еден коментар на Фејсбук, предизвикува паника. Но, кога истото се појавува и на веб-портал, расте и сигурноста кај читателите дека веста е точна. А со сигурноста, расте и виралноста. Но, ни треба ли ваква виралност?

Никој не рече дека подолгиот пат до една точна вест е лесен. Но, тоа ги разликува новинарите и медиумите од она што е објавено на социјалните мрежи. Иако, ова би требало да важи за сите нас, кои кликаме „објави“ – пред да го притиснеме копчето, да одвоиме 2-3 секунди и да се прашаме, „што ќе постигнам со ова, повредувам ли некој и има ли некаков јавен интерес“? Овие прашања можат да нè спасат од многу отровни и неточни информации со кои редовно се соочуваме и против кои крвнички се бориме.

Секој од нас ја носи одговорноста. И секој од нас одлучува дали секоја наша мисла или шпекулација ќе стане јавна со можноста што ни ja нуди интернетот, но секој новинар понатаму има дузина обврски, а пред сè да се потсети на членот 1.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...