Фото: Арбнора Мемети

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) бележи зголемување за 4,1 процент на број на нови позитивни ковид-случаи, како и зголемување за 3,1 отсто на смртните случаи, споредено со минатата недела. Последниот неделен извештај на институцијата, за периодот од 1 до 7 февруари покажува дека во овој период тестирани се вкупно 14.398 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,8 отсто во однос на минатата недела. За здравствените експерти, зголемените бројки се резултат на опуштеноста на граѓаните во изминатиов период.

Дополнителна грижа е што новиот Британски сој на вирусот е забележан во осум градови, од кои најмногу случаи има во Охрид, Прилеп и Кавадарци.

„Минатата недела до ИЈЗ се пријавени 649 материјали кои биле секвенционирани за присуство на „британскиот” сој на SARS-CoV-2 од три лаборатории (ИЈЗ, „Жан Митрев“ и МАНУ). Од секвенционираните, 56 се позитивни за присуство на новиот сој на SARS-CoV-2“, велат од Институтот.

Од ИЈЗ потенцираат дека согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број на нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на континуиран внес на нови случаи на ковид-19 од странство.

Микробиологот проф. д-р Никола Пановски вели дека топлото време и оди и не оди во прилог на ситуацијата со ковид-19 бидејќи на секое намалување на бројките народот се релаксира во однос на почитувањето на мерките за заштита.

„Ако луѓето се собираат надвор не е страшно, но ако се по затворени простории трговски центри тогаш ширење на вирусот има. Мислам дека ситуацијата со бројките ќе биде ваква уште барем еден месец. Сега ги чекаме вакцините. Треба да сме внимателни зашто не знаеме и со каква динамика се шири и новиот сој“, вели Пановски.

Според извештајот на ИЈЗ, најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а процентот на позитивност се движи од 10,3 до 17,7 отсто, исто како минатата недела.

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, а голем број на заболени се регистрирани и кај лицата во останатите возрасни групи“, се вели во неделниот извештај.

Оваа седмица со статус „оздравени“ се стекнале 3.322 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11,6 отсто повеќе во споредба со минатата недела. Но, бројот на починати како резултат на ковид-19 се покачил за 3,1 отсто во однос на минатата недела. Починале 66 лица од 21 град од земјата. Во однос на возраста, 58 од починатите лицa биле над 60 години, петмина на возраст од 50-59 години и по едно лице на возраст од 40-49, 30-39 и 20-29 години.