fbpx

Ковачевски ја заборави сопствената улога во медиумскиот сектор – извинувањето е лицемерно

Не треба да се изгуби предвид и фактот дека за сè она што се случува во медиумскиот сектор, директната конекција е насочена и кон власта, која е најодговорна за регулацијата и за начинот на кој функционираат медиумите на ограничен пазар, каков што е македонскиот

-

На Ковачевски и на СДСМ никој друг не им е виновен што не сторија ништо позначајно реформски во медиумскиот сектор, а што било нивна должност, вклучувајќи го и тешкото спроведување на обврската за финансирање на МРТ, што е клучна реформа и значително би ги сменило улогите на пазарот. Затоа, изјавите на Ковачевски со напади врз медиумите и врз јавниот сервис се со огромна доза и на спин. Неговото извинување и жалење е чисто лицемерие затоа што си го најави при навредите и спинувањето, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

 

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски навредливо се осврна врз медиумите во државата, при што се детектира и спин:

Спин: Од тука ќе им порачам џабе фатиле страна, пак ќе квицкаат по некои подруми кога ќе ги стегнат како Андреј Петров кога ги вадеше од А1 телевизија тие кои сега пак се ставија во служба на тие кои ги напикаа по подруми ов 2010 година, 2011 година. Е тоа ви е, кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија. После ќе се освестат, ама касно е. Ќе трчаат во СДСМ да им ја врати демократијата, а они самите се продале, они уште сега се продаваат, пошто бит – коин велат се купува кога е најевтин. И морав ова да го кажам, па утре ќе се јави ЗНМ да се извиниме и ќе се извиниме

[Извор: Канал 5 ТВ – Ковачевски/изјава:  датум– 20.02.2024]

Контраспин: Изјавите на Ковачевски на митингот на СДСМ во Кисела Вода околу медиумите е за целосна осуда. И од аспект на стилот на обраќањето и употребените зборови и од аспект на нетолеранцијата што ја покажува кон критиките од јавноста, и од аспект на непресметливост на ефектот на изјавата кога е во изборна кампања и штетата што може дополнително да ја претрпи. Но, едно важно прашање не беше потенцирано – спинот што го употреби кога зборува за медиумите, вклучувајќи го и јавниот сервис.

Имено, во експресно издадените негативно реакции кон изјавите на Ковачевски од ЗНМ, ССНМ, АВМУ, политичките партии како што е ВМРО-ДПМНЕ, реакциите на медиумите, итн, се потенцира неетичноста и притисокот кон новинарите и медиумите како дел од јавноста и чувари на демократијата. И се разбира дека поради ваквата екстремно значајна улога на медиумите во општеството, секое обраќање и квалификација на медиумите (и новинарите), како она на Ковачевски е за секоја осуда.

Но, притоа не треба да се изгуби предвид и фактот дека за сè она што се случува во медиумскиот сектор, директната конекција е насочена и кон власта, која е најодговорна за регулацијата и за начинот на кој функционираат медиумите на ограничен пазар, каков што е македонскиот.

 

Состојбата во медиумскиот сектор е далеку од добра

А каква е состојбата во медиумскиот сектор? Многу далеку од сјајна или добра. Печатени медиуми речиси и да не останаа, локални и регионални радиодифузери се бројат на прсти, а петте национални телевизии од приватниот сектор организирани во своја асоцијација, иако се најгледани, иако се формирани од богати лица и компании чиј основен бизнис не е медиумскиот, постојано се жалат на зголемени трошоци за работа и на секојдневно намалување на рекламниот колач, т.е. на потешкотии во финансиското работење.

Тука е и јавниот сервис, МРТ, за кој иако во 2018 г. се најде системско решение, финансиран е од буџетот, власта постојано му ускратува значајни, милионски средства, според нивни тврдења над 50 милиони евра, му скратува и пари за нови кадровски решенија со неодобрување на барањата за вработување од Министерството за финансии. Мнозинството вработени, пак, во медиумскиот сектор примаат потпросечна плата, кај новинарите над 50 проценти, а кај медиумските работници над 70 проценти, откри неодамнешното истражување на ССНМ и РЕСИС.

Актуелната власт предводена од СДСМ и ДУИ, уште во 2017 година најави забрана за јавни пари во медиуми (укинување на членот 102 од Законот за аудио-визуелни медиуми), со оправдување дека преку тој член и преку форма на јавни кампањи владите на Никола Груевски се одлевале милионски суми во медиумите, што беше и точно. Над 3 милиони евра годишно. Како компензација, пак, го воведоа платеното политичко рекламирање за време на изборните кампањи, со што повторно јавни пари се одлеваат во медиумите, речиси на исто ниво како што тоа беше случајот и со јавните кампањи преку членот 102 од ЗАВМУ. Исто така, во просек, над 3 милиони евра за секои избори, а ги имаме на година и половина до две. Што пак, е нотирано како извор на можна корупција на медиуми преку влијание врз уредувачките политики и од ДКСК и од Европската комисија преку редовните годишни извештаи и од други институции и организации.

„Пишман аџија“ за јавни пари во медиуми

Во меѓувреме, сите овие години на владеење СДСМ и ДУИ не сторија ништо за системско решавање на проблемите, почнувајќи барем од нов избор на Советот на АВМУ или Програмскиот совет на МРТ, кој потоа требаше да избере и нов менаџмент во јавниот сервис. Згора на сè, кога по „медениот месец“ или година, кога почна критичкиот приод на известување од највлијателните телевизии, вклучително и со предимензионирање на проблемите или употреба на поинтензивна изложеност на критика кон јавните личности од власта (дури и до степен на претерување), што е пак, етички дозволена работа на медиумите во демократските општества, СДСМ и ДУИ „се сетија“ дека згрешиле и почнаа поинтензивно од пред и по изборите во 2020 година, да зборуваат за потребата од враќање на членот 102 во ЗАВМУ, т.е. враќање на јавните пари во медиуми преку јавни кампањи.

При крајот на 2023 г. се одвиваше и заврши дури и јавна расправа што ја водеше МИОА и измените на законот беа подготвени. Се очекуваше и нивно усвојување во декември, со што ќе се овозможеше во 2024 година нови, околу 5 милиони евра за медиумите преку јавни кампањи, по една до две годишно. Законот е во Собрание, но ете нов проблем, ДУИ се реши да го блокира. Дури и од техничкиот премиер Талат Џафери имаше изјава пред некој ден дека е против предизборно рекламирање во медиумите со јавни пари, мешајќи го членот 102 кој се однесуваше на владини кампањи и платеното политичко рекламирање овозможено со Изборниот законик.

Оттука, на Ковачевски и на СДСМ никој друг не им е виновен што не сторија ништо позначајно реформски во медиумскиот сектор, а што било нивна должност, вклучувајќи го и тешкото спроведување на финансирањето на МРТ, што е клучна реформа и значително би ги сменило улогите на пазарот.

Затоа, изјавите на Ковачевски со напади врз медиумите и врз јавниот сервис се со огромна доза и на спин. Неговото жалење и извинување ден подоцна е лицемерно и неискрено, затоа што сам си го најави при искажувањето на навредите и спинувањето.z

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...