fbpx

Ковачевски и Петков: Да оствариме напредок во пријателството, наместо национализам и говор на омраза

-

Со изразена политичка волја и за кратко време двете влади ја организираа заедничката седница како уште еден значаен исчекор кон решенија од заеднички интерес и кон придобивки за нашите народи, нагласи македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на почетокот на пленарната сесија на заедничката меѓувладина седница на владите на Бугарија и Северна Македонија.

Заедничката владина седница почна претпладнево во резиденцијата „Бојана“ на периферијата на бугарскиот главен град, а со неа претседаваат двајцата премиери, Кирил Петков и Ковачевски..

Во своето обраќање на пленарната седница, премиерот Ковачевски истакна дека со изразена политичка волја и за кратко време двете влади ја организираа заедничката седница како уште еден значаен исчекор кон решенија од заеднички интерес и кон придобивки за нашите народи, соопшти македонската влада.

„Позитивни пораки од посетата во Скопје и пријателскиот амбиент на оваа средба ни потврдува дека македонските и бугарските граѓани се исклучително заинтересирани за силни меѓусебни економски врски и за активности на соработка кои поврзуваат“, нагласи премиерот Ковачевски.

Тој истакна оти е важно важно продлабочувањето на соработката на двете земји преку културни, образовни и младински размени, инфраструктура која поврзува, мобилност, движење, дигитализација, брз проток на информации, без застој и без пречки. Според Ковачевски, на овој план се работи сериозно, а во Софија е направен чекор понатаму со формирањето на работните групи, од кои се очекува на оваа заедничка седница да ги договорат приоритетите во секоја област од нивна надлежност. Работните групи се на ранг на министри или заменици министри.

Ковачевски потенцираше дека и во Скопје и во Софија дијалогот тргна од позицијата дека новиот политички момент создаден преку мандатите на двете нови Влади создава услови да се направи заеднички исчекор.

„Ќе работиме низ потенцијалите и можностите, а не низ проблемите и пречките. Тоа е клуч за иднината, и посебно за нашата заедничката иднина во Европската Унија“, истакна во обраќањето на пленарната сесија на заедничката седница на владите македонскиот премиер Ковачевски.

Според премиерот на Бугарија, Кирил Петков, заедничката меѓувладина седница е од најдобар интерес на двата народи.

„Утврдувањето на заедничкиот календар на владите и на работните групи е од посебно значење за процесот на евроинтеграцијата на Северна Македонија низ реализација на реални планови и проекти“, рече Петков.

Бугарскиот премиер им посака на членовите на двете влади успешна работа, и, како што нагласи, наместо политичка реторика на граѓаните од двете земји да им понудиме резултати кои ќе го заменат национализмот и говорот на омраза.

Работниот дел од заедничката седница на двете влади ќе продолжи со тет-а-тет средба на премиерите Ковачевски и Петков и со средбата на министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Теодора Генчовска.

Во исто време ќе започнат и одделните работни состаноци на министрите копретседавачи и членови на Работната група за економија, трговија и иновации, на Работна група: инфраструктура, транспорт, поврзаност, на Работната група за европска соработка, зелена транзиција и дигитална трансформација, и владеење на правото, на Работна група: култура, наука и образование, млади.

На оваа сесија од работниот дел на програмата е предвидено да се одржи и состанок на копретседателите на Мешовитата мултидисциплинарна комисија меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија за историски и образовни прашања проф. д-р Ангел Димитров и проф. д-р Драги Георгиев.

Премиерите и министрите на двете влади после одделните работни средби ќе продолжат со пленарната седница на којашто ќе се презентираат резултатите од работните групи, по што ќе следува потпишување на повеќе меморандуми и договори за соработка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...